Заштитата и љубовта кон животната средина се учат уште од најмали нозе. Децата се едуцираат зошто е потребно да ја чуваме околината во која живееме, зошто е важно каде и како се одлага отпадот и зошто истиот се селектира? А особено колку е значајна заштитата на водата без која не би имало ниту живот на нашата планета.
Во пресрет на Интернационалниот ден на водите 22 Март, Еко Герила Преспа во соработка со ЈКП Пролетер од Ресен и детските градинки од овој град, организираа работилница во просториите на претпријатието на која најмладите учеа за значењето на водата и како да ја одржуваме чиста.
„Имавме една работилница каде објаснивме како доаѓа водата, од каде доаѓа водата, како треба да ја чуваме, да ја заштитуваме и животната средина, меѓу другото. Се надевам дека на ваков начин ќе допреме до секој жител на општина Ресен и ќе ја зачуваме животната средина. Претходно, имавме некои акции за текстилен отпад, каде објаснивме како треба да се селектира овој отпад. Тука имаме два контејнери кои се специјално за текстилен отпад и веќе се наполнија. Еден таков контејнер поставивме и во сите училишта и градинки и се надеваме дека ќе допреме до свеста на секој граѓанин со што ќе може да ја зачуваме и животната средина, подобро “, истакна Марчел Русу, директор на ЈКП Пролетер – Ресен.
После работниот дел, се спроведе и еко-акција на коритото покрај Голема Река. Во акцијата беа вклучени децата, родителите, активисти на Еко Герила Преспа и работниот кадар од градинките. Се чистеше и практично се презентираше како отпадот влијае на реките и другите води.
А децата можеа и на самото место да видат како несовесните граѓани ја загадуваат средината во која и самите живеат секојдневно. Научија доста, а за тоа ни кажаа и самите.
„Уште од мали нозе децата се учат како да постапуваме и да се грижиме за нашата природа, за нашата земја. Ние имаме повеќе вакви активности, секогаш во соработка со Еко Герила Преспа и со другите еколошки друштва, со ЈКП Пролетер и со други институции, каде ги носиме сите дечиња, но особено дечињата од големите групи “, вели Наде Начевска, воспитувачка во градинката „11 Септември“ – Ресен.
Овие активности се дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, поддржана од програмата „ЕУ за Преспа“.
„Како дел од целокупните активности кои се спроведуваат, почнувајќи од минатата година и ќе траат се до наредната година, овие акции имаат за цел да го зајакнат знаењето, од најмали нозе и да опфатат различни целни групи, значи и деца во градинки и деца во школска возраст, но и земјоделци, локално население и сите други чинители од заедницата“, потенцираше Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.
Ова се првите активности на овој проект за 2026, а истиот продолжува со слични активности и со другите целни групи во Преспа.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.