По повод Илинденските денови во Крушево секоја година се одржуваат голем број културни манифестации. Едни од нив се и Етно саемот и Летниот саем за книга кои традиционално ги организира Домот за култура од овој град. Здружението на жени „Цвет“ од Крушево уреди едно катче од домот каде присутните и туристите можеа да погледнат различни нови и стари и ракотворби, плетеници, везеници, облеки кои се носеле пред 100 и повеќе години, исто така гостите можеа да си купат дел од сувенирите и да си понесат спомен од Крушево, но и да се заблажат со дел од традиционалните специјалитети на крушевските домаќинки.
„Овде имаме дневна соба од времето кога нашите баби и прабаби чекале гости, тоа е гостинската соба. Има перници што ги везеле помладите генерации, сето е рачна изработка, ништо нема тука машинско, бабите ги учат младите да плетат, везат, но ова што го работеле тие не можат да го навезат младите. А сега младите не се заинтересирани, најискрено го кажувам, колку работилници одржавме да ги вклопиме младите да работат нешто, да се учат, да ги наследат овие богатства од нашите мајки, од нашите баби. Инаку организацијата е позната на светско ниво.
Кога ќе дојдат туристите што најмногу ги интересира од овие изложени работи?
Па да би кажам туристите повеќе сувенири, овие рачни изработки на ташни, крупните работи не ги интересираат, обично поситните за да можат да го земат како сувенир.
Тука може да видиме и староградски фустани и облека.
Двата се староградски фустани, оригиналот го имам лично јас.
Колку се стари?
Па над 150 години. Овие се копии на оригиналот од нашите прабаби, оригиналот кој го имам е дотраен, на некој музеј да го поклониме ако можат да го санираат, да ги излепат тие делови. Ги нема веќе староградските фустани, се изгубија“, вели Спасијка Тасеска, претседателка на организацијата на жени „Цвет“ од Крушево.
Инаку здружението на жени „Цвет“ од Крушево се идни од првите вакви здруженија од Македонија кои пред повеќе години изработуваа ракотворби, плетени аксесоари како и облека за странските пазари во Амкерика, Италија, Германија и други европски земји. Работеа за врвните светски модни куќи и тоа беше дополнителен приход за крушевските жени.
„Првите фустани што ги порачаа странците беа овие везаните на црно. Првите фустани со кои започна организацијата да работи за странство, почнавме од тоа. Инаку имаме голем број на признанија, награди, со враќањето од Америка, јас бев таму во организацијата, тогаш беше амбасадор господинот Лоренс Батлер, го добивме најголемото признание.
Може ли да се врати тоа време и изработката тие ракотворби?
Нема да се врати, мислам уште овие генерации сега што се може да ги изработуваат, но младите не. Нема да се врати, ние сега кога работевме за италијанскиот пазар и со тој пазар ние се пробивме во светот, ги работевме ракотворбите плетени со волна, сите ги пласираа италијанците на кинеските, јапонските и другите светски фирми кои порачуваа, се изработија многу убави џемпери, мантили, фустани, прекривачи…
Зошто престана сето тоа?
Тие потоа заминаа, фати короната, таа имаше големо влијание бидејќи после короната немаше заинтересирани, инаку дизајнери идеа од Италија. За американскиот пазар само везани работи и на саемот во Америка, бизнисмен од Каиро кој имал хотели, 500 перници ги порача за изработка. Ние везевме, дизајнери идеа од Америка во Крушево и дизајнерката ќе го извадеше моделот да види дали ќе го навезиме, дали ќе изгледа убаво. Задолжително за секој модел идеше дизајнер и ние многу работи изработивме за Америка и тоа сето везано“, додаде Тасеска.
Во моментов здружението работи на заштита на крушевското англе како уникатна ракотворба, а сакаат и да издадат книга со традиционални стари крушевски рецепти.
Освен овој ссаем во другиот дел на салата во Домот за култура се одржа и Летниот саем на книга каде посетителите освен традиционалните сувенири можеа да си купат и книга.
„Ова е 15 година по ред во која се одржува Саемот за книга во Крушево, учествуваат неколку издавачки куќи, имаме книги на попуст од македонски и странски писатели. Посетуван е добро од крушевчани, но и од туристи. Во склоп на саемот исто така ќе има и 3 промоции на книги, како од родокрајни, така и од други македонски писатели“, рече Марија Котеска, дел од организацијата на саемот за книги.
И националната установа „10 Дена Крушевска установа“ во овој период организира голем број на концерти изложби и промоции на книги. Во старото крушевско училиште или т.н. жолта зграда во издание на Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам КУЛТУРЕН МАНИФЕСТ Крушево, како и Книжевен кружок „Васил Иљоски“ од Крушево промовираше две нови книги. Првата насловена „Илинден-Крушево (1903-1928)“ албум, книга што е реиздание на постарото издание од пред 100 години објавено од Крушевското благотворно друштво.
„Тоа е реиздание на стар албум од крушевското благотворно друштво кое постоело во периодот по Илинденското востание и во кое членувале најистакнатите војводи од крушевскиот регион, меѓу кои Наум Томалески, Ѓорѓи Томалески, Нико Киромајски кои како еден значаен успех, со цел да оддадат значение на Крушевската Република и на Илинден го издале овој албум со нивни фотографии кои ги имале направено во текот пред и за време на Илинденското востание во Крушево. Тоа е специфичен албум, бидејќи изобилува со елементи од општествениот, социјалниот, секојдневниот, културниот аспект, тоа е како една непроценлива архива и сите идни генерации кои ќе ја читаат оваа книга ќе можат да учат за нивните претходници“, изјави Валентин Тасески, директор на Дом за култура Крушево.
Втората книга Зборникот „Книжевен манифест“ претставува прво издание на планираните традиционални годишни изданија на зборници во издание на Книжевен кружок „Васил Иљоски“ Крушево. Во зборникот се вклучени авторски творби на досега необјавени дела од славните крушевчани Васил Иљоски, Александар Матковски, Костика Телеску, лауреатите на првата награда Венко Андоновски, Никола Јованоски, Михајло Свидерски, како и други значајни дејци и членови на кружокот.
„Исто така ќе можам да ги нагласам и нашите идни проекти, работиме интензивно на творештвото на Васил Иљоски, ние го носиме гордо неговото име и се правиме за да го зачуваме и авторизираме неговото творештво. Исто така работиме и на творештвото на академикот Александар Маткоски, Трајче Крстески и на други автори“, додаде Тасески.
Манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ на посетителите на Крушево освен овие настани до 10 август ќе им понуди и голем број на други културни случувања.
„Во склоп на самата манифестација „10 дена Крушевска Република“ ќе можете да ја проследите научната трибина која се случува на 5 август во 11 часот во горната училишна зграда, заедно во соработка со Институтот за национална историја. Потоа на 6 имаме концерт на фолтин, на 7 концерт на Саут Парк и Ретро Кабаре, Поточиња за најмладата публика, театарска претстава за деца, театарска претстава за возрасни, а во собота, на 8 август ќе настапи и Пајак во склоп на манифестација, значи ни следува викенд полн со активности и концерти, за помладата популација, но и за повозрасните“, рече Захарија Ангелеска, директор на НУЦК „10 дена Крушевска република“.
Своја паралелна културна програма има и Домот за култура со промоции на книги, музички перформанси како и изложби.