Автопати без патарини – ќе се наплаќа по изминат километар

Facebook
Twitter
Email
Print
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Одлучивме Македонија да ја развиваме, да ја движиме напред и мора да ги прифатиме предизвиците на новото време, а тоа се дигитализацијата и вештачката интелигенција, порача заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, обраќајќи се на конференција на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) за дигитална трансформација, која денеска се одржува во Скопје.

Николоски истакна дека дигиталната ера и забрзаниот технолошки развој веќе суштински го менуваат начинот на функционирање на бизнисот, општеството и институциите, посочувајќи ги конкретните проекти на кои се работи, меѓу кои изградбата на национален податочен центар, воспоставувањето национален едношалтерски систем, воведувањето дигитална наплата на патарините и интелигентни транспортни системи за модернизација и поголема безбедност на сообраќајот.

„Овие промени отвораат огромни можности во секое поле на дејствување, покрај во економијата, во здравството, во транспортните системи и речиси во секој сегмент на општеството“, истакна Николоски.

Тој посочи дека Владата веќе работи на реализација на стратегијата „Смарт Македонија 2030“, а еден од клучните проекти на кои се работи е изградбата на првиот државен национален податочен центар.

„Со Министерството за дигитална трансформација веќе работиме на развој на првиот државен национален податочен центар. Интензивно работиме на таа тема. Истиот треба да почне со градба веќе следната година. Во моментов се работат сите процедури коишто се поврзани со урбанизација и со сета потребна документација со цел да може да почне изградбата. Идејата е овој податочен центар да ѝ служи на државата и државните институции, на едно место да се соберат сите државни институции. Сега имаме еден систем којшто е раштркан, неорганизиран, секоја институција води сметка сама за себе“, најави Николоски.

 

„Во напредна фаза сме на креирање на национален едношалтерски систем, којшто е замислен како централизирана платформа којашто ќе овозможи сите релевантни институции да работат во заедничка дигитална платформа“, додаде вицепремиерот Николоски.

Во своето обраќање, тој го најави и воведувањето на новиот систем за електронска наплата на патарини.

„Не зборуваме за отворен или затворен систем на патарини, туку воопшто нема да има патарини на патот и начинот на којшто ќе се наплаќа користењето на автопатот ќе биде по изминат километар, што е далеку, далеку поправедно од системот којшто го имаме сега, појасни Николоски. Првата примена на овој систем е планирана на автопатот Охрид – Кичево, чија изградба треба да заврши до крајот на мај 2027 година“, истакна вицепремиерот Николоски.

Во делот на транспортот, Николоски најави и воведување интелигентни транспортни системи.

„Во финална фаза сме на промена на легислативата со цел воведување на интелигентни транспортни системи. Се работи за пет закони, три во надлежност на Министерството за транспорт, еден во надлежност на Министерството за внатрешни работи и еден во надлежност на Министерството за локална самоуправа“, потенцираше Николоски.

Тој потврди дека со поддршка на Светската банка веќе е потпишан договор за воведување интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, на делницата од Табановце до Гевгелија, а нивната примена се очекува кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци