ВИДЕО – Животот на Тоше преку музејските поставки во неговиот Спомен дом во Крушево

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Камен темелникот за Спомен домот на Тоше Проески во Крушево е поставен на 25 јануари 2009 година на денот на неговиот роденден. Музејот е отворен на 25 април 2011 година, на вториот ден од Велигден. Така е одлучено бидејќи Тоше беше голем верник.



Идејното решение за објектот е на архитектите Дејан Секулоски и Дејан Спасеноски, во соработка со Илија Божиновски. Истиот на меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона беше прогласено како најдобро архитектонско дело за 2011 година.

На самиот влез во музејот вдлабени во бетонот ве пречекуваат буквите Т и П –  Тоше Проески. А малку понатаму е неговата фотографија со препознатлив слоган – „Ве сакам сите“.

Оваа фотографија е од неговиот прв концерт на градски стадион во Скопје во 2004 година. Спомен куќата го опфаќа целиот живот на Тоше од неговото раѓање, од далечната 1981 година, 25 јануари, па се до неговите последни денови со нас.

Во Спомен домот се наоѓаат негови лични предмети и фотографии од основно училиште па се до деновите на врвот на неговата кариера. Основно училиште завршува во ООУ „Никола Карев“ Крушево, а средно музичко училиште во Битола. Со свои неполни 16 години Тоше настапува на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп со изведбата на „Yesterday“ од Битлси. Практично од тој момент се отвораат вратите на музичката кариера за него.

Тука има и 2 восочни фигури од Тоше. Тој е прикажан како пејач и композитор. Амбиент од првата фигура е идентично пренесен од неговата куќа во Скопје, каде живееше и работеше последните години. Восочните фигури се во реална големина и се изработени во Киев, Украина.

Ова е делот од музејот кој најмногу привлекува внимание кај посетителите, затоа што Тоше го доживуваат како да е жив и стои тука до нив. Втората восочна фигура го претставува Тоше на неговиот последен концерт на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје.

Во централниот дел на објектот се наоѓаа големи стаклени површини на кои се испишани неговите најголеми хитови. Тоше пееше на македонски, српски, хрватски, словенски, италијански и англиски во своите албуми.

Тоше беше мултиинструменталист, свиреше гитара, пијано, клавијатури, кларинет, удирачки инструменти. Дел од тие инструменти се изложени тука. Во Спомен домот се изложени и неговиот мотор и велосипед.

Тоше се занимаваше и со спорт како одбојка и кик бокс. Тој поседуваше и дипломатски пасош кој го доби како амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ во 2003 година. Во Спомен домот се наоѓаат и предмети поврзани со духовноста и неговата религиозна определба и верба во Бог.

Тоше беше еден од најголемите хуманисти во Македонија, а колку помагал на луѓето се дозна многу повеќе после неговата смрт. Аманетот кој тој ни го остави е да се сакаме сите и да си помагаме еден на друг.

На ѕидот од патеката која води од првиот кон вториот спрат на Домот е испишана реченицата „Ве сакам сите“ на 103 светски јазици.

Спомен домот е достоен чувар на неговиот лик и дело! Изложени се околу 350 предмети, а во депото има уште околу 300 кои се менуваат во поставките на одреден временски период.

Спомен домот „Тодор Проески“ е најпосетениот музеј на Балканот!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми