За прв пат во Прилеп, а втор пат во Македонија се направи специфична операција на главата на радиусот на лакт, која што е доста специфичен медицински зафат со вградување на имплант на местото на фрактурата. 37 годишниот прилепчанец кај кого била направена операцијата се чувствува добро и за неколку денови се очекува да биде пуштен дома. Операцијата ја изведе д-р Кире Јоноски од Прилеп и д-р Игор Мерџаноски од клиниката за трауматологија од Скопје.
„Со ова сакаме да почнеме со нови процедури, да имаме децентрализација на медицинските процедури кои се вршеа претходно во Скопје, да ги вршиме и во нашата болница. Оперативниот тек помина уредно, пациентот се чувствува добро, тимот на ортопедско-трауматолошкото одделение се надева дека со континуирана едукација и со нови методи за лекување во иднина ќе придонесеме за што поголем број на задоволни пациенти кои ќе бидат третирани тука во нашата болница. Исто така можам да најавам дека најверојатно од следната недела ќе почнеме со операции на рбетен столб. Тоа ќе биде уште една новина, исто така под менторство на д-р Игор Мерџаноски, за пациентите да не одат во Скопје. Тоа исто така ќе биде за прв пат во нашата болница“, изјави д-р Кире Јоноски, ортопед и директор на општа болница Прилеп.
Идејата во иднина да се започне со многу поголема децентрализација на сите вакви операции низ градовите од Македонија, пациентите да не патуваат до Скопје, каде и онака е преблокиран со работа Клиничкиот центар.
„Децентрализацијата значи дека сите пациенти треба да се лекуваат во своите градови, да се лекуваат дома, да не мора да патуваат и да се изложуваат на трошоци, така да дел од тимовите од клиниката за трауматологија, ортопедија, интензивно лекување и ургентниот центар, исто така со новото раковдство со директорката која што ни е за ТОАРИУЦ, направивме план и програма која полека ја остваруваме. Ќе повторам, ќе биде тешко, но имаме слух. Директорот на прилепската болница успеа да издејствува да му се донесат специјални импланти за ваков тип на операција, исто така издејствува да се донесат импланти за операции на болестите на рбетниот столб, кои ќе почнеме се надевам од наредна недела да ги работиме и тука, така да дисперзијата од централното подрачје према внатрешноста е многу битна, поготово за пациентите, а најмногу за клиничкиот центар кој што е преоптеретен со работа“, рече д-р Игор Мерџаноски, Клиника за трауматологија Скопје.
Наредната недела во Прилеп за прв пат ќе се изведе и операција на рбетен столб.