ВИДЕО – За прв пат од постоењето ќе се гради асфалтен пат до ски терените во Крушево и тоа од двата правци


Изградбата на инфраструктурата е еден од клучните фактори за развој на туризмот. Токму затоа Општина Крушево во последниве неколку години се посвети максимално на тоа. Годинава со проектите обезбедени од унгарскиот кредит се планира за прв пат од постоењето да се изгради асфалтен пат до скијачките терени и тоа од двата правци, од т.н. чешма на АРМ и од кај регионалниот пат за Демир Хисар. Со тоа ќе се овозможио поголема посетеност, но и урбанизација на местото со нови сместувачки капацитети и други објекти. Освен скијањето тоа место нуди и други алтернативни спортови.

 

Урбанистичките проекти ќе се зголемуваат таму, дополнително ќе се развива тој дел на градот и луѓето ќе видат дека не само од Крушево, туку и од цела држава туристи, аматери, спортисти, спортски клубови, ќе бидат насочени кон скијачкиот центар, каде што има нова алтернатива и нови можности за тие целни групи. Тука е планинскиот велосипедизам, down hill патеките кои ги имплементиравме под жичарата во должина од 3 километри, 40 километри обележавме велосипедски патеки околу Крушево“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Минатата година комплетно се реконструираше патот до Мечкин Камен и стартот за параглајдинг, а се изградија и нови паркинзи. Годинава се очекува конечно да се изгради и уште еден втор старт за полетување на локалитетот Црн Врв, со што уште повеќе ќе се популаризира Крушево во светски рамки за овие спортови.

Покрај нормалното и безбедно одвивање на националните натпревари кои се одвиваат на постојното полетиште, ќе имаме и за аматерите, односно тие што сакаат да летаат аматерски од другата страна. Или во зависност од ветровите, од ружата на ветрови, место на постојното полетиште ќе имаме и ново алтернативно полетиште. Бидејќи постојното е пребукирано, пренатрупано и од натпреварувачи и од аматери“, додаде Христоски.

Исто како и лани и годинава се очекува да се одржат неколку меѓународни натпревари и првенства во параглајдинг.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи