ВИДЕО- Земјоделците го блокираа патот Прилеп-Битола: Сите земјоделски гранки се на колена, бараме итна помош

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Земјоделците од прилепско и битолско денеска го блокираа патот Прилеп-Битола кај селото Тополчани за како што велат купишта напластени и нерепни проблеми во секоја гранка од земјоделството. Сточарите побараа зголемување на субвенциите.

„Бараме не 12.000 како сега, бараме 15.000 бидејќи со цената на нафтата скокнаа сите давачки, сите репроматеријали, сите ветеринарни услуги, земјоделските аптеки се поскапени и бараме уште 4 денари по литар млеко, значи од 6 денари на 10 денари за предадено литар млеко. Имаме 24 месеци неплатени субвенции за литар млеко“, изјави Тони Петкоски, претседател на здружение „Пелагониско поле“.

Производителите на пченица пак бараат доплата по 5 денари за килограм предадена пченица, доисплата на субвенциите и картички за зелена нафта, а побараа и огласи за ИПАРД, решавање на проблемот со градобитната заштита и учество во креирањето на програмата за 2027-ма.

„Сега со овие услови не се исплаќа да се сее, значи мора субвенциите да се исплатат, картичките за нафта и да се гарантира цената. Да се каже дали да сееме или не. 15 денари, можеби некој ќе ми се налути од земјоделциве малку, 250 евра од тон нека гарантира државата, ако откупот е 10, зад тие 5 денари да стои државата и да сееме, да се посее полето, инаку сѐ ќе остане, не се исплаќа. Четврта жетва е ова да работиме со загуби“, кажа Миле Кебакоски, здружение „Фармери Југозапад“.

На протестот присуствуваа и лозари, овоштари и градинари, од сите краеви на Македонија, сите со своите проблеми.

„Немаме исплатено субвенции за 2024 и 2025 година за неразвиено подрачје, субвенции за млекото од 2025 и 2026, како за кравите така и за овците немаат пуштено, да се вратат женските јагниња во субвенционирање, сега не се. Сега луѓето до 12 месеци не земаат никаков надеместок“, додаде Горан Ризоски, одгледувачи на овци.

 

„Оваа година куртовската капија помина катастрофално, младите од Муртино излегоа со конкретни до министерот и целата Влада, за конкретна помош од 5 денари по килограм и 20.000 денари по декар засадена површина со цел да се дојде до една реална цена на куртовската капија. Помош која би овозможила во иднина, за идната сезона да дојде до сеидба“, истакна Панче Паланков, производител на пиперки од струмичко.

 

„75% од родот остана грозјето по нивите, 75% посто грозјето не е обрано и е искалирано. Бараме како лозари под итно, тоа не е наша грешка, 150.000 денари од хектар без разлика дали луѓето го обрале или не го обрале, како кризна дополнителна мерка да им се даде на лозарите“, вели Зоран Јанкулов, лозар од кавадарчеко.

 

„Верувајте доведени сме во ситуација да не можеме да засадеме, едноставно немаме пари да ја почнеме наредната реколта. Сето тоа ќе се рефлектери и врз цената на храна, ќе се рефлектира и врз недостаток на храна“, рече Ѓорѓи Карачашев, Национална земјодлеска мрежа.

 Заклучоците од овој протест во писмена форма ќе биделе утре испратени до Владата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци