Се наоѓаме во депандансот во локалниот музеј галерија Кавадарци, наречен „Куќа на мирис и вкус“, а со нас тука е Томе Крстевски, виш кустос етнолог кој ќе ни ја раскаже приказната за овој навистина интересен и несекојдневен музеј, од кога постои, како се родила идејата и приказната за неговото создавање и како тој функционира во сите овие години.

Крстевски: Добредојдовте во Кавадарци, добредојдовте во нашиот музеј. „Куќата на мирис и вкус“ е создаден 2013 година како заеднички проект со општина Едеса од Република Грција, преку ИПАРД фондовите, каде што се претставува традиционалната храна како во нашиот музеј. Имавме постојана поставка, на која тема беше претставување на традиционалната тиквешка храна, но со развојот на музејот, а музејската дејност е пред сѐ тоа, да се развива поставката, денес имаме поставка која го претставува карактерот на наше Кавадарци и концептот е да ја претстави храната, виното и музиката.
Зошто таков интересен назив сте му дале, „Куќа на мирис и вкус“?
Крстевски: Затоа што Кавадарци е познато по тоа што има добри вина, добра ракија за вкусот, а за мирисот, сепак се работи за храната која ја имаме, особено храната од турскиот период има оставено влијание не само врз предметите кои ги имаме тука за производство на храна, туку и на самата храна. Имаме јадења кои се користат и до ден денес во овие простори, односно етничкиот дел Тиквеш. Музејот е составен од 4 дела, винарски дел, селска соба, градска соба и спомен собите на Васил Хаџиманов и Никола Бадев. Ќе започнеме со овие 2 предмети кои се археолошки артефакти во оваа етнолошка псотавка, кои се доказ за производство на вино и ракија.
Од кога потекнуваат овие артефатки?
Крстевски: Од 2 век пред наша ера, но треба да спомнеме дека имаме развој на лозарството и винарството во Тиквешијата од тој период, сите овие предмети потекнуваат од тој период и сите овие предмети се најдени на територија на општина Кавадарци во археолошки локалитети. Ова се бахинали, игри кои се одржувале во одреден временски период, каде се славел богот Бахус. Треба да го спомнеме тука и богот Дионис, во античкиот период на овие простори се славел богот Дионис, односно имало Дионисови игри во тиквешијата. Кон крајот на март се одржувале мали Дионисови игри, или селски Дионисови игри, а во првата половина на април месец се големите, односно градските Дионисови игри. Овие Дионисови игри и бахиналиите секогаш содржеле разни театралности, тривијалности, блудови, дури има и податок дека 168 година пред наша ера имепраторот Проп кој доминирал тука на овие простори ги забранил тие игри бидејќи имало премногу блуд. Чествувањата кои потекнуваат од овие славења на Дионис и Бахус можеме да ги поврземе со развојот на лозарството и винарството и да дојдеме до Свети Трифун, денес го чествуваме Свети Трифун кој потекнува од тоа чествување од 18 век, каде го славиме како заштитник на лозарите и овоштарите. Но во Кавадарци Свети Трифун го слават и меанџиите.
Тоа е останато до денес.
Крстевски: Да, но денес имаме и чествување „Гроздобер“ во Тиквешијата, кој се одржува по повод ослободувањето на Кавадарци, но и по повод независноста на републиката. Тоа е славење кое трае 3 дена и каде доминира гроздот.
Да ја погледнеме поставката, која е наменета исклучиво за виното.
Крстевски: Повелете.
Почнуваме од овој дел каде што се шишињата.
Крстевски: Да, малку ќе се вратам назад во развојот на винарството и лозарството, да го кажеме и средниот век како поминал во Тиквешијата и што се случувало во тој период. Сакам да ве известам дека средниот век е карактеристичен дек Турците дошле тука, а второ лозовите насади се обработувале екстензивно, односно минимално и биле во рацете на црквите и манастирите во тоа време. Куранот не дозволувал користење на алкохол и имаме забрана за винарството и лозарството. Доаѓа до експанзија кон крајот на 19 век, 1885 година во Кавадарци фамилијата Велкови ја формираат првата винарска визба на Балканот, приватна винарска визба која се вика „Тиквеш“. Имаме и визит карта од тој период, имаме и етикети кои ги користеле во првата половина на 20 век.
Значи ова се оригинални вина и оригинални етикети?
Крстевски: Етикетите на долните шишиња се оригинал, а горните 3 шишиња се од фамилијата Велкови. Ова шише е од 1926 година, виното е исто од 1926 година за да може да го претставуваме тука. Другите 2 шишиња се со понов датум.
Тоа е најстарото вино?
Крстевски: Тоа е најстарото вино кое ние го имаме тука, инаку фамилијата Велкови има постари вина. Доминираат нивните вина и предмети во винскиот музеј на град Кавадарци. Фамилијата Велкови правеле разни видови на вина, бели, црвени вина, маџун, разни сокови од гроздот и сето тоа се случувало во првата половина на 20 век кога фамилијата Велкови направила експанзија за производство на вино и ракија, односно се зголемиле лозовите насади. Ова било и линија на фронотот во Првата светска војна 1914 година и поминувале француските војски од Северна Африка. Имаме и фотографии од тој период од Кавадарци во нашата архива, дури и камили поминувале тука. На чизмите на војниците се пренела растителна вошка на територијата на Кавадарци, тоа е Филоксера која ги напаѓа лозовите насади и во Кавадарци тие неколку години, до 1920 година тотално ги уништува сите лозови насади.
Како се обновуваат потоа?
Крстевски: 1920 година во Кавадарци се формира „Калемера“ во селото Трстеник за да се направи нов калем и да имаме нов расад на лозови насади и оттаму почнува развојот на лозарството во полн сјај, да се претстави Кавадарци во најдоброто светло. Зошто го кажувам ова, затоа што тогаш на неколку видови на калеми се донеле лозови насади од разни земји, од соседните земји и станале автохтони, бидејќи се прилагодиле на ова поднебје.
Фамилијата Велкови се овие тројца браќа, од кои секој си ја знаел својата работа. Тоа е приказната, еден ги обработувал лозовите насади, еден правел вино и ракија, а третиот бил трговец, бизнисмен.
Тука е и успешноста на целата приказна?
Крстевски: Да, одел во Солун да ги однесе своите производи за да ги продаде. Но тој толку го развил тоа што фамилијата Велкови почнала да прави размена и да носи назад од Солун метакса и узо на овие простори, каде се вршела и таа размена. Ова е муљачот од првата половина на 20 век на фамилијата Велкови, малку е среден, но и до ден денес работи. Ламја го викале, бидејќи во тоа време собирал еден кош грозје и ги задоволувал потребите, бидејќи од 50 до 70 илјади килограми грозје произведувала фамилијата Велкови во првата половина на 20 век, што е импозантна бројка за производство на вино. Овој казан може да собере 800 килограми комиње и да се направи ракија, значи толку вложувале во самото производство.
Дали другите предмети тука се исто така од фамилијата Велкови?
Крстевски: Тука е пресата која ја имаме, со која се добива маџун. Пресата се полни со грозје, се става на горниот дел дрва и со вртење на овој дел се пресира грозјето и се добива гроздов сок. Во Тиквешијата од гроздовиот сок со долготрајно варење правиме маџун. Имаме тука разни прскалки, но и германска прскалка од фамилијата Гркови од Ваташа од 1928 година.
Карактеристичен предмет во домаќинството била оваа направа која служела за правење на пуканки и била чест предмет во домаќинствата. Оваа направа е за печење кафе. Би се задржал на овој предмет, катарка за вино. Се смета дека во таа размена која ја вршеле фамилијата Велкови со другите фамилии, е донесена во Кавадарци од Солун. На неа има старогрчко писмо и година, 1812 година.
Начинот на градба на подрумите од куќите во Кавадарци е карактеристичен и самиот изглед на овој дел ни е направен од тие материјали и тоа глина, слама и трска, така што со овој уметнички начин на прикажување го доловуваме моментот на изградба на подруми на Тиквешијата во првата половина на 20 век.
Токму така, навистина кога се наоѓате тука е како во еден времеплов, да се вратите назад во времето и да почувствувате како изгледал животот тогаш во тие простории каде се чувало, се произведувало виното и нормално се конзумирало. А кога сме кај конзумацијата, пред да преминеме во другата поставка, да не бидеме многу сериозни, па би сакал да ве прашам, доаѓате ли некогаш во искушение да го отворите она шише од 1926 година и да пробате како изгледало виното?
Крстевски: Да, но имаме дадено завет на Коле Велков дека нема да го отвориме тоа шише.
Само едно е?
Крстевски: Тоа од 1926 е едно, а другите се понови вина, некаде 70ти – 80ти години и не знаеме какво е виното. Има ризлинг добар, тоа го знам сигурно, така да со Никола Велков имаме добра соработка.