Со македонската коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчиња утрово затропаа на вратите на прилепските домаќинки кои ги пречекаа на традиционачниот начин со костенчиња, ореви, овошје, а им даруваа и по некое париче, кој колку има.
„На децата му даваме костенчиња, оревчиња, јаболка, му даваме шекерчиња, парички, урма, смоква, од се ставаме во корпата и децата да бидат почестени. Да ни ја продолжат традицијата, постојано вака да биди, да не се прекинува нештото, бидејќи тоа е нашето правото македонското“, истакна Лилјана Ацеска, здружение на жени „Преродба“ Прилеп.
Дечињата кои од раните утрински часови коледарат на денешниот ден Бадник велат дека тоа го прават секоја година,се собираат цели друштва и шетаат од куќа на куќа.
„Ние заедно со моите другари и другарки на овој ден одиме на коледариме од куќа на куќа и со тоа го навестуваме Христовото раѓање, а домаќините ни даваат, костени, ореви, овошје и друго“, вели едно од децата кое денеска коледареше во Прилеп.
Овие дечиња се сметаат за предвесници на Христовото раѓање.
„Традијата на различни места во Македонија се чува различно, додека во Прилеп доаѓаат коледарчиња, пеат песни, тропаат на врата. Пеат коледарски песни кои го означуваат доаѓањето на нашиот спасител Исус Христос. Инаку овие празници се најсреќните празници кои ја шират љубовта помеѓу народот каде се заборава на грижите и се оживува надежта. Христос се роди!“, изјави Калинка Танеска, жителка на Прилеп.
Од здружение „Мајка Традиција“ за овој ден организираа специјален пречек во нивноо собиралиште, позната „Етно соба“ каде ги даруваа дечињата со разни подароци.
„Да си ја чуваме традицијата наша која што си ја имаме, македонска, да не си ја заборавиме, да си го пречекаме Христовото раѓање, напомош на да ни се сите овие денови Коледе, Бадник, Божик и многу ми е мило што и децава млади ја чуваат оваа наша традиција“, додаде Блага Станкоска, членка на здружението на жени „Мајка Традиција“ Прилеп.
Коледарчињата се вистинско обележје на Прилеп за овој ден, традиција која се пренесува од колено на колено и која ќе трае се додека си го почитуваме нашето историски и културно наследство како народ.