ВИДЕО- Конечно пуштен во употреба експресниот пат Фариш – Дреново во должина 10.2 км, инвестиција од 45 милиони евра

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Конечно после 9 години изградба денеска свечено беше пуштен во употреба експресниот пат Фариш – Дреново во должина 10.2 км. Инвестицијата изнесува 45 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР. Овој пат започна да се гради во 2016 година. Неговото значење е огромно со оглед на тоа дека ова е единствениот пат кој освен ако се оди преку Скопје ја спојува Источна со Западна Македонија. Сега времетраењето на патување од Прилеп  до Скопје треба да биде околу 1 час и 20-тина минути.

Дојде време кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот. Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните се враќаат назад кај граѓаните преку проекти, патишта, училишта, фабрики“, истакна Христијан Мицкоски, премиер на РМ.

Пред неколку месеци беше пуштена во употреба делницата Градско-Дреново во должина од 15,5 км, вредна 37.5 милиони евра, пари обезбедени од ИПА фондовите и буџетот на државата. Со ова се изградија двата дела од експресниот пат Прилеп – Градско.

„Гледано како подвиг, после автопатот Охрид – Кичево ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој беше за решавање. Тунелите позади нас и планината позади нив беа навистина голем предизвик, буквално планина се помести за да изгради овој експресен пат, за да биде безбеден, што е многу значајно. Ние решивме отворањето да се помести за неколку месеци со цел да имаме максимално безбеден експресен пат, по кој граѓаните ќе можат да сообраќајат, но исто така да ги отклониме сите пречки кои стоеја на реализацијата на овој пат“, додаде Александар Николоски, министер за транспорт и врски.

Патот е од огромно значење за поврзување на Тиквешијата со цела Пелагонија.

„Овој пат е многу важен за Пелагонија и пелагонискиот регион, но и општо за Република Македонија, важен е за Прилеп, за Битола, за Ресен, бидејќи со изградбата на овој пат ќе се зголеми развојот на овој регион, ќе се зголеми туризмот, земјоделието, а според мене ќе се намали и иселувањето од овој регион, со оглед на тоа што од Прилеп за Скопје ќе се патува за скоро помалку од 1 час, што ќе допринесе да се вози по еден безбеден, модерен и убав пат“, кажа Коце Трајаноски, директор на ЈПДП.

Беше најавено и тоа дека наскоро ќе се започне со постапка за изградба на трета лента на Плетвар, во делот каде што ја нема од каменоломот до с. Беловодица.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми