45 години, оро, традиција и песна, 45 години продолжување на аманетот на нашите предци, продолжување на македонската народна игра и песна, продолжување на нашиот идентитет и зачување на корените. КУД „7 Септември“ од Македонски Брод одбележа еден јубилеј од 45 години постоење. А по тој повод по 15-ти пат се одржа и годишниот концерт на друштвото.
„Моментално друштвото брои 60-тина членови редовни кои активно го посетуваат, од сите генерации на деца, од најмалечките од 5 години, па се до 20 години и постари членови од оркестарот. Поделени се на 3 категории плус, оркестарот и пејачката група. Учествуваме во нашата држава на сите манифестации и фестивали кои се организираат, но исто така сме учествувале и надвор од државата, какпо Русија, Србија, Бугарија и други. Млади кај нас во градот има се помалку, но тие што се го сакаат фоклорот. Сакаат да го научат, да истражуваат за традицијата и ние се трудиме да им ја пренесеме таа љубов“, истакна Даница Ацкоска, Раководител на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.
Голем дел од членките и членовите на друштвото доаѓаат веќе со години. Радува фактот што голем дел членовите се млади кои што со огромна љубов го продолжуваат фолклорот и нашата традиција.
„Го одбравме овој фолклор затоа што сакаме да ја негуваме нашата традиција и членуваме 9 години и сакаме и понатаму да продолжиме да го негуваме истиот. Имаме учествувано на многу манифестации и ни е мило што сме биле секаде. Многу убаво се чувствуваме кога сме на сцена и кога ќе добиеме аплаузи. Од мали ја сакавме музиката и сакавме да бидеме дел од ова друштво. Најмногу ги сакаме Поречките игри бидејќи сме од тука“, изјавија Изјавија двете сестри Хавин Демова и Дуи Демова, членки на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.
„Концертов се одржува по 45 пат, значи 45 години славиме постоење на КУД „7 Септември“. Денеска големата група ќе се претставиме со ората „Малешевка“, „ Тресеница“, „Поселје“ и неколку други, а малите групи ќе играат поедноставни ора. Сите ќе биат посебни на свој начин и се надевам дека сите ќе бидат убаво изиграни. Македонскиот фолклор не е тежок да се научи ако се сака“, рече Роберта Костадиноска, членка на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.
„Искрено јас сум многу горда што членувам во ова друштво, јас сум од тука, и се гордеам многу бидејќи ние сме мало гратче бидејќи секој меѓу себе се познава, така што јас се гордеам со тоа. За овој концерт се подготвуваме околу 1 месец, но преку целата година имаме проби по 3-4 пати неделно“, потенцираше Евгенија Секулоска, членка на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.
Освен играорците КУД „7 Септември“ има и оркестар каде се негуваат и македонските народни инструменти.
„Со гајдата се дружам веќе 36 години, од 1991 година тогаш за прв пат имав комплет гајда, дотогаш свирев на кавалче и на клепарката од гајдата. Почанв со голема желба што ја имав во мене. Никој немаше покрај мене да ми даде некој совет за да ми рече свири го тој инструмент, јас самиот го одбрав тој инструмент, но кај мене гајдата будеше некои посебни чувства што ме исполнуваа и затоа се одлучив за него. Овој инструмент сега младите го практикуваат најмногу во Источна Македонија, а помалку во Западна, овде сме засега тие што сме“, изјави Љупчо Најдоски, член на оркестарот на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.
Инаку КУД „7 Септември“ постои од 1981 година, а ова е датумот кога М. Брод се ослободил од фашистичкиот окупатор.