Лајонс клубот од Прилеп донираше 25 сензори за мерење на шеќер во крвта кај дијабет тип 1, за социјални ранливи категории на граѓани. Станува збор за модерна и скапа технологија која не секој може да си ја дозволи. А целта на оваа хуманитарна акција била да се подигне свеста во општеството за овааа болест како и кај други хумани граѓани кои сакаат да донираат за оваа намена.
„Овие сензори се доста скапи и тие мерат само одредено време. Значи не можеме ние да помогнеме постојано, затоа што тие имаат одреден периот и се фрлаат. Нема боцкање, модерна технологија со која ја мерат гликозата континуирано во тек на одредено време, по што се фрлаат. На тој начин ние сакаме да ја подигнеме свеста кај луѓето кои страдаат посебно од дијабет 1, како и да ја подигнеме свеста во нашата заедница кај успешните луѓе да им помогнат на оваа категорија на луѓе“, вели Д-р Пеце Петрески, координатор за сервис на лајонс клубовите во Македонија.
Придобивката од овие сензори е тоа што со нив се мери нивото на шеќерот во крвта постојано 24 часа на ден, дури и кога спијат оние кои ги носат. За жал сензорите траат само 2 недели, а потоа се фрлаат. Го мерат шеќерот на секои 5 минути, а резултатите стигнуваат преку апликација на мобилниот телефон.
„Овие сензори треба да бидат бесплатни за сите кои имаат дијабет, исто така треба да има и инсулински пумпи кои би биле на товар на фондот, за да не примаме инсулини со игла“, истакна Филип Петрески, дијабетичар, дијабет тип 1.
„Ги покажува ноќните, дневните движења на гликемијата, имате опција да забележувате кога сте ставале инсулин, кога сте земале одреден оброк, ги покажува и тие промени, така да знаете точно после земањето на инсулин гликемијата се корегирала или не се корегирала, така да вашиот доктор може лесно да ја корегира вашата терапија“, додаде Дејан Јовчески, стопанственик, увозник и застапник на овие сензори.
Од Лајонс клубот од Прилеп истакнаа дека и понатаму ќе имаат вакви донации за категориите на граѓани на кои помошта им е најпотребна.