Македонската ослободителна мисла 1893-1991 година беше насловот на трибината која се одржа во Прилеп, а чија цел беше да го прикаже 100 годишниот континуитет на борбата за формирање на слободна и независна држава. Според историчарите за прв пат оваа револуционерна искра е забележана уште на Берлинскиот мировен договор во 1878 година, кога се ревидира Санстефанска Бугарија, а во истата година се одржува и Македонското или Кресненско востание. А потоа 1893 година се формира и МРО.
„Оваа Организација од своето создавање, па се до нејзиното прекинување во 1908 година претставува еден широк народноослободителен фронт, во себе ќе акумулира различни идејни опции, но за сите именскиот содржател е Македонија на Македонците и создавање на една македонска држава врз основа на национални опции. Тоа го има низ документите на Организацијата. Континуитетот на Организацијата фактички е во таа револуционерна идеја, бидејќи ако овие револуционери од илинденскиот период не успеале да ја реализираат својата идеја за ослободување, на нив се надоградува генерацијата на народноослободителните борци, односно партизанското движење кое дури и четите ги именува по Илинденците, или учесниците во градењето на Македонската револуционерна органиазација и таа генерација успева да обезбеди слободна македонска држава на АСНОМ, на 2 август 1944 година“, изјави Наташа Котлар, историчар.
„Суштината е дека во период од речиси 100 години континуирано, непрекинато постои една идеја која што е јасно формулирана, јасно изразена и која што на крајот во 1991 година завршува со самостојноста на народот, кој и покрај сите тие долгогодишни и повеќедецениски борби завршува со еден демократски процес и референдум за создавање на демократска држава“, кажа Александар Василески, директор на Институт за старо словенска култура.
Прилеп и тоа како зазема место во тоа делот на идеолозите на Македонското револуционерно движење, како Ѓорче Петров, Пере Тошев, Петар Ацев.
„Ѓорче Петров, заедно со Гоце Делчев, како задграничен претставник на Македонската револуционерна организација во Софија извршил големо влијание врз сузбивање на упадите на врховистичките чети, меѓутоа и неговата дипломатска активност, дејност во унапредувањето на самото револуционерно движење, поставувањето на темелите и на тоа како треба да функционира Македонската револуционерна организација. Пере Тошев е во врвната петорка на Македонското револуционерно движење, иако поради неговата интровертна природа не стигнал до тоа ниво на препознатливост, како што стигнале Гоце Делчев, Ѓорче Петров и останатите револуционери. Но Пере Тошев е духот, совеста на Македонската револуционерна организација, човекот кој што активно врбува, ангажира млади ученици, ги препознава нивните бунтовни години како учител во гимназиите, едноставно ги препознава и ги вклучува во Македонската револуционерна организација. Пере Тошев почива во Прилеп, закопан е во црквата Свето Благовештение и како таков ние треба да го чествуваме многу повеќе и со поголемо внимание да се обрнуваме кон него од тоа што досега сме го правеле“, истакна роф. д-р Славчо Ковилоски, Институт за македонска литература.
Беше потенцирано и тоа дека јазикот има огромна важност во градењето на македонската национа свест. И токму преродбенските процеси биле тие кои го поттикнуваaт создавањето на револуционерното движење и борбата за независна држава.
„Јазикот се перцепира, се доживува од самите Македонци како едно од најзначајните обележја на националниот идентитет, дури и во времето кога не е целосно развиен националниот идентитет во денешна смисла, сепак луѓето си го препознавале својот јазик како поинаков од јазиците на своите соседи и соседните народи. Така постепено почнала да се развива националната свест, а тоа е потпомогнато и од интенцијата да се создаде еден книжевен стандард, еден општоприфатен литературен јазик кој ќе биде биде во севкупна употреба. Тој процес ние го следиме во текот на 19 век, а особено тие тенденции се забележливи во втората половина на 19 век и првата половина на 20 век. Секако дека Мисирков е онаа клучна фигура којашто на некој начин го заокружува тој процес со своите кодификаторски зафати, но мора да имаме предвид дека Мисирков има свои претходници кои во голема мера го напреднале тој процес, како во поглед на тоа каква треба да биде физиономијата на писмениот, на книжевниот јазик, така и во поглед на поедноставувањето на кирилското писмо и едноставно создавање на едно македонско кирилско писмо, кое на соодветен начин ќе може да го претстави, ќе овозможи бележење на специфичните македонски гласови, оние македонски гласови кои ги нема дури ни во сродните словенски јазици. Овие културни процеси на некој начин им претходат и на револуционерните движења, всушност тие процеси овозможуваат многу побрзо да созрее националната свест, бидејќи културните дејци токму работејќи на јазикот, работејќи со традицијата, со културата, всушност побрзо ја согледуваат различноста на македонскиот јазик. Тие се луѓето што поттикнуваат да се бори народот, македонските преродбеници ги поттикнуваат луѓето да се борат за својот јазик, да се борат за образование на народен јазик и богослужба исто така на народен јазик. Ако ја имаме ситуацијата по укинувањето на Охридската архиепископија, кога за жал се истиснува словенскиот јазик од богослужбата, македонскиот народен јазик го нема во образованието, тогаш таа борба која почнува од страна на македонското граѓанство е предводена токму од македонските преродбеници“, рече Проф. д-р Лилјана Гушевска, Институт за национална историја.
Оваа трибина е дел од т.н. „Приказна за градот херој“ или одбележувањето на скоро едномесечниот период 11 октомри, преку 23 октомври, се 3 ноември Денот на ослободувањето на Прилеп, со голем број настани.
„Не запира оваа приказна за Градот херој овде, продолжуваме со други активности и настани се до 3 Ноември кога го славиме конечното ослободување на градот од фашистичкиот окупатор и со онаа традиционална свечена седница на која ќе ги доделиме наградите за најзаслужните прилепчани за оваа 2025/2026 година“, додаде Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Инаку годинава се одбелжуваат и 85 години од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор.