Наш гостин во ова интервју имаме чест да ни биде Матеј Белистојаноски, 20 годишниот прилепчанец, кој само пред неколку денови го освои Европскиот златен медал во карате, на Европското првенство кое што се одржа во Лимасол на Кипар.
Матеј пред се честитки за овој твој огромен успех!
Белистојаноски: Ви благодарам многу.
Кажи ми колку време се подготвуваше за ова првенство, како се одвиваа борбите, каква беше конкуренцијата и како успеа да го освоиш овој медал?
Белистојаноски: Напорно се подготвувавме за ова Европско првенство, поради тоа што јас се враќам од повреда, повреда на рамото со операција и пред само 9 месеци ја правев операцијата на рамото. Со рехабилитација од летото веќе почнав со тренинзи и подготвување за ова Европско првенство. На почетокот на јануари во Тбилиси исто така освоив златен медал, тоа беше голема мотивација и пред се подготвеност за ова Европско првенство. Со таа мотивација влегов на првенството и успешно излегов.
За запознавање на гледачите ова е Европско првенство за кадети, јуниори и У21.
Белистојаноски: Да, кадети се од 14 до 16 години, јуниори на 16 и 17 години, а У21 од 18 до 21 година. Јас сум во У21.
Вие се натпреварувавте во борби.
Белистојаноски: Во борби да, има кати поединечно и екипно и борби, а јас се натпреварував во борби.
Како се одвиваа натпреварите, каква беше конкуренцијата и од колку држави имаше натпреварувачи во твојата категорија?
Белистојаноски: Конкуренцијата беше огромна, во мојата категорија имавме 36 натпреварувачи од 36 земји и мојата категорија беше една од најбројните на целиот турнир. Прво настапував со такмичарот од Белорусија, бев доминантен со победа од 9-1, потоа против натпреварувачот од Албанија со 5-1. Потоа настапував против Шкотска со 4-1, Белгија 5-4, полуфиналето против Украина исто така 5-4 и финалето против Грција 2-0.
Како се чувствуваш после оваа победа и дали ова е твој прв ваков европски медал?
Белистојаноски: Ова е втор мој европски медал, исто така во Тампера во Финска во 2021 година освоив бронзен медал во јуниори. Ова се разбира е многу подобар резултат од тој во Тампера, горд сум на самиот себе си и мотивиран поради тоа што само пред 9 месеци правев операција и се враќам од операција, од тешка повреда и ова за мене е еден голем успех и многу сум горд, но се разбира не застанувам тука, имам сега и сениорски натпреварувања.
Што значи пред се овој медал не само за тебе, туку и за прилепското и македонското карате?
Белистојаноски: Гледам дека Прилеп и Македонија се горди на мене и тоа ме радува многу. Пред се овој медал е за Македонија, ја сакам јас многу Македонија и сум горд што ја претставувам на високо ниво.
Кажете ми како започна вашата љубов кон каратето?
Белистојаноски: Јас карате тренирам од 4 и пол години, мојот тренер и селектор Петар Ристаноски, тој целиот негов живот е во карате, исто така европски медалиста, спортист на годината 1994 и фамилијарно преку него, на почетокот и за да ме извадат од дома малку и сум го засакал каратето од мали години и веќе го тренирам целиот мој живот, јас откако знам за себе тренирам карате.
Во кој клуб моментално сте член?
Белистојаноски: Моментално сум член на карате клуб „Олимпик“ од Скопје.
Рековте дека имате идни планови во каратето, продолжувате со овој спорт. Која е онаа желба која ја посакувате да ја остварите?
Белистојаноски: Ова е само почеток за мене, сега влегувам во сениорска конкуренција. Поради тоа што сум 32 на ранг листа, сега имам Премиер лига во Рим на почетокот на март, потоа следи државно првенство за сениори, па дај Боже потоа и Европско првенство па да атакувам на медал.
Од оваа перспектива која е твојата гледна точка за македонското карате, каде се наоѓаме кога ќе го споредиме со другите европски држави?
Белистојаноски: Па општо каратето како спорт во Македонија е едно од најтрофејните и најсупешните и веќе и во Европа се сметаме како една од подобрите држави во карате.
Дали можеби државата треба многу повеќе да ги поддржи овие мали индивидуални спортови за разлика од екипните, каде постојано се става акцентот?
Белистојаноски: Да, во Македонија сепак тимските спортови се поактуелни, но реално индивидуалните спортови носат многу резултати и се како симбол надвор од Македонија и сме како амбасадори.
Благодарам за издвоеното време, уште еднаш честитки за освоениот успех и еве за крај која е твојата порака до врсниците, младите луѓе во државата да се занимаваат со спорт и да постинат можеби успеси како тебе?
Белистојаноски: Па да, спортот е нешто најубаво на светот и секој што тренира мислам дека треба напорно да тренира, да има мотивација и еден ден се разбира дека се е можно.
Благодарам уште еднаш за издвоеното време. Драги гледачи тоа беше разговорот со Матеј Велистојаноски, прилепчанецот кој пред само неколку дена го освои првото место на Европското првенство во Кипар во карате.