Само во Македонија се носат разни реформи и програми во здравството, стратегии и закони, а медицинските сестри тука ги нема никаде. Ова е ставот на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ кои во Прилеп го одржаа својот 23-от Симпозиум. Потенцираа дека оваа ситуација мора да престане под итно.
„Или вака ќе бидеме разберени, или ќе нѐ донесат во ситуација да ги оставиме пациентите во болниците и да излеземе на улица за да нѐ видат дека постоиме. Сестрите се и специјалисти во сопствените области и тие повеќе не се сестри во општа нега и грижа. Тоа зборува дека нашите сестри во образовниот процес треба да имаат кариерен развој, треба бидат дел од образовните процеси, треба сето тоа што ќе го стекнат како образовна квалификација во образованието, кога ќе дојдат во болниците да им биде признато како такво. Треба да имаат сопствена автономност каде самите ќе носат одлуки и да понесат одговорности за нивните одлуки“, кажа Гордана Бешлиоска, претседател на здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри „За Нас“.
Во Европа и регионот има постојани отворени конкурси за медицинските сестри, а кај нас се уште функционира понижувачкиот систем на Договор на дело и неизвесноста дали на сестрите утре нема истиот да им биде продолжен. А недостасува огормне број на ваков персонал.
„Кога ќе слушнете конкурс на 1.000 лекари, треба да знаете дека треба да се вработат 3.000 медицински сестри. Во болниците треба на 3-4 пациенти да има една медицинска сестра, во критичните единици на 1-2 пациенти по една медицинска сестра. На тој начин иницирате ефикасност во болниците, на тој начин го скратувате болничкото лежење на пациентите, на тој начин пациентите побрзо ја напуштаат болницата. Кога немате доволно медицински сестри пациентите се оставени во ситуација да не можете да им ги испорачате сите услуги, на тој начин го пролонгирате нивното лекување, добивате компликации, имате продолжени лекувања од инфекции“, додаде Бешлиоска.
Побара помош од Комората на лекари на Македонија да ги поддржат да седнат секаде во институциите каде се решава за медицинските сестри.
„Се додека ја гледаме само главата, а рбетот ни пати, ќе имаме парализиран здравствен систем, затоа што сестрите беа, се и секогаш ќе бидат рбетот и носителите на здравствениот систем“, вели Проф. Д-р Нико Беќароски, Универзитетска клиника за токсикологија.
Медицинските сестри ќе бааат и итно формирање на Комора на медицинските сестри во Македонија како и специјализиран Закон за медицински сестри.