Прилеп доби уште нов фестивал во лепезата на вакви настани кои ја има градот под Марковите Кули. Се одржа првата фестивалска вечер на новиот Меѓународен Фоклорен Фестивал „Итар Пејо“, насловен според најпопуларниот лик од македонските народни приказни, кој во себе ја манифестира и симболизира целата итроштина, лукавост и мајтап на македонскиот народ. Фестивалот го организира КУД „Мирче Ацев“ со поддршка на Општина Прилеп и Цетарот за култура од овој град. Идејата е на еден поинаков начин да се престави фоклорот кај младите кои се и инијатори на овој фестивал. Прво се одржа дефиле кое започна од Центарот за култура, а поворката се движеше низ центарот на градот се до платото во старата чаршија каде се наоѓа споменикот на Итар Пејо.
„Конечно се оствари идејата која долго време ја подготвувавме и за која долго време планиравме и организиравме, така што очекуваме една исполнета вечер со игра и песна и пред се со хумор. За разлика од досега постоечките фестивали, се оствари и нашиот мотив и идеја за да организираме нешто поразлично од тоа што се случуваше досега, еден фестивал кој на малку поинаков начин го отсликува фолклорот, а тоа е преку хумор. Сметаме дека на овој начин многу полесно ќе успееме да допреме до што е можно поразлична публика со тоа што ќе понудиме нешто досега што не било организирано“, изјави Елена Николовска, КУД „Мирче Ацев“.
Имаше гости учесници од Полска, Словачка, како и 4 други културно уметнички друштва од Македонија од Демир Хисар, Кривогаштани, Струга и Кавадарци. А свои хумористични точки имаа и од здружението „Преродба“.
Гостите беа воодушени како се прифатени и пречекани во Прилеп и сите потенцираа дека негувањето на фолклорот е важно за зачувување на традицијата и историјата на еден народ. Сите беа горди на тоа што им го оставиле нивните предци.
„Навистина сакам да гледам други земји и други региони како ја изведуваат нивната култура, со што можат да ни покажат нешто од нивните домови и мислам дека тоа е многу убаво, можеме да гледаме и да учиме“, рече Никола Станкова, учесник на фестивалот од Словачка.
„Ги сакаме овие народни танци бидејќи мислиме дека народната игра ги зближува луѓето. Колективот е неверојатен, ги знам овие луѓе откако имав 10 години, така да заедно сме веќе 11 години и не би променила ништо. Запознав толку многу луѓе поради ова и тоа е тоа што е специјално и затоа и го сакаме“, додаде Михаела Хопањова, учесник на фестивалот од Словачка.
„Во последниве години фолклорот е на малку повисоко ниво и овие манифестации се доста потребни, и за дружба и за сознавање на народната носија од различни краишта и им посакуваме на организаторите фестивалот да премини во традиција.
Тука имаме и гости од странство. Колку на некој начин правиме размена на културните вредности на една држава со друга, на еден народ со друг и учиме едни за други?
И тоа е на високо ниво, гледам дека доста има и збратимување на општини и размена преку културните друштва“, вели Ангел Петковски, учесник на фестивалот од КУД Демир Хисар.
„Ова е нашата култура, ние го презентираме фолклорот преку нас и нашиот перформанс, така што ова е многу битно и не треба да се заборави, затоа што ова е нашата историја и ние мора да ја негуваме.
Дали сте горди на вашите фолклорни танци?
Апсолутно, ние ги обожаваме, ова е нашиот живот.
Што можете да ни кажете за полските фолклорни танци?
Многу се динамични, така што кога ќе настапиме денес ќе бидете многу среќни што не гледате“, кажа Блажеј Војчиќ, учесник на фестивалот од Полска.
Втората фестивалска вечер ќе се одржи во сабота во Центарот за култура во Прилеп каде влезницата ќе биде симболични 100 денари.