Над 70.000 евра е штетата на семејството Богески од Прилеп на кои вчера во пожарот кој ја опфати месноста Кронејца им изгореа над 6.000 низи со тутун, објектот каде истиот се чувал и 2 декари со лешници. Пожар претходно вчера утрината имало во близина на патот Прилеп – Битола, но бил изгаснат. Истиот се разгорел повторно по само 10-тина минути откако тие заминале од местото. Веднаш се вратиле на имотот по дојава од соседот дека пак има голем пожар. Богески е револтиран на противпожарната екипа, која според негови изјави на местото пристигнала со возило со мал капацитет, а поради тоа дошло и до инцидент и туркање помеѓу Богески и пожарникарите.
„Пожарното возило дојде со црево во големина на ¾, значи со многу мал млаз на вода. На прашањето мое зошто нема големо возило дојдено, со хидрански топ, ми одговорија: „пратени сме ние да гасиме сува трева. На моја бурна реакција, ова не е трева, дека треба поголемо возило, на многу некоректен начин и дрско се однесуваа пожарникарите и ми рекоа: „полека, не си само ти, секаде треба да се стаса“. Значи ако имаше барем едно големо возило објектот ќе се спасеше“, вели Горан Богески, сопственик на изгорениот имот.
Вели дека ова е дополнителен удар за нив како семејство, затоа што државата од лани им должи над 20.000 евра неисплатени субвенции за тоа дека наводно имале предадено повеќе тутун.
„Платежната агенција ни објасни на наша реакција дека сме имале многу тутун и на ревизија требало да го проверат тутунот. Тутунот јас го носам во откупен пункт, дали „Алијанса“ или „Тутунски комбинат“ и тие даваат информации јас колку тутун имам однесено, јас не можам да манипулирам со тие килограми, затоа што јас не пријавувам килограми, килограмите ги пријавуваат тутунските комбинати. И сега како излезе јас да бидам на ревизија…“, додаде Богески.
Од Сојузот на тутунски здруженија го посетија семејството Богески и ветија помош.
„Во оваа прилика би апелирал до сите тутунопроизводители, поготово до откупните компании да помогнат, затоа што овој кооперант има договор скоро со сите откупни компании. Така да би апелирал и до Општината колку може и што побрзо да дејствуваат и да помогнат финансиски на овие изнамачени тутунопроизводители“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија Прилеп.
Богески очекуваат хумани граѓани и општествено одговорни компании да им помогнат во трагедијата која ги снајде.