На 14 јуни овој месец, од пред Офицерскиот дом во Битола, ќе започне третата по ред ноќна трка, насловена како „Биди своја“. Организатор на трката е нашиот соговорник Маја Атанасовска, која што повеќе ќе ни каже за оваа манифестација.

Tрета година по ред, насловот е интересен, „Биди своја“. Како дојде до создавање на целата оваа приказна за да бидеш своја?
Атанасовска: Мотото „Биди своја“ настана поради тоа што порано јас живеев во некој свет во кој сакав да се вклопам и да бидам доволна за другите, но не бев своја, некако ми одеше тешко. Сето тоа го сфатив со пријавувањето на трките низ Македонија, борбата ја сфатив на патеката. Тогаш сфатив дека ако имам цел во животот дека морам да се борам за таа цел, за да ја постигнам, бидејќи откако ќе ја постигниш доаѓаш до успехот, а ако се откажиш не добиваш ништо. Истиот начин го применив и во приватниот живот.
Дали се имаш занимавано досега со некој спорт?
Атанасовска: Да, цел живот се занимавам со спорт, бев ракометарка прво во младинската екипа на „Пелистер“, потоа се занимавав со кик бокс и сега сум инструктор по високо-интензивни тренинзи во кратки интервали и сум лиценциран канго-џампинг инструктор.
2 години досега се одржува трката, како си задоволна, колку учесници учествуваат и како е патеката по која се движи оваа трка?
Атанасовска: Супер сум задоволна, и првата, и втората и сега и третата година се надевам дека ќе бидеме во уште поголем број. Стартот на трката започнува во 8 часот пред Офицерски дом и улиците се Иво Рибар, Македонска фаланга, Крушевска Република и Студентска, а целта на трката е иста како и почетокот пред Офицерскиот дом.
Кажи ми која е целта на оваа трка, како да се мотивираат припадничките на понежниот, односно посилниот пол? Посилниот, затоа што рамо до рамо се натпреваруваат со мажите.
Атанасовска: Така е, оваа трка не е за да го освојуваш времето, туку да го освојуваш сопствениот ум и стравот во себе кој вели дека не можиш. Напротив, ти да му кажеш дека можеш и да ги постигнеш замислените цели, да ги истрчаш 5-те километри, да се избориш со себе си и да си дојдеш на целта среќна и весела, како што треба.
Зошто ноќна трка одбравте?
Атанасовска: Тоа е многу интересно, кога решив да правам женска трка, учествував на трката во Солун, таа е ноќна и толку многу позитивно ја доживеав со самата светлина во темнина и сфатив дека и покрај темното, постои и светлина.
Учествате и на други трки кои се организираат низ Македонија?
Атанасовска: Да, имам една интересна трка, тоа е полумаратон во Скопје, го истрчав на 6 октромври кога бев бремена 2 месеци. Исто така и 9 километри трка истрчав во 7 месец бременост, во Неготино, Трката на винот и љубовта.
Дали има награди за оваа трка?
Атанасовска: Да, имам награди за најбрза битолчанка, за највозрасната, категорија 44-55 години, над 55 години, нормално прво, второ место, за фирмите исто така, имам повеќе награди.
Како што кажавме, стартот и целта се тука каде што стоиме, дали тука на платото пред Офицерски ќе има и пропратни други активности кои се дел од трката?
Атанасовска: Да, имаме добра забава, добра музика, имаме диџеј, гости ни се сите инструктори по канго-џампинг низ Македонија, тие ќе настапат со кратки кореографии, зумба девојките од Битола од „Спартакус“ ќе ги загреваат девојките учеснички на настанот со кратки кореографии, имам балеринчиња исто така кои ќе настапат со нивни кореографии, така да цело време имаме забава, журка, музика, дружба и потоа завршуваме во ресторан каде ќе се дружиме и понатаму. Значи ноќта е наша, женска.
Ви посакувам одлична забава и на трката и по трката, за крај да кажеме само уште кој се може да се пријави, кој може да учествува и како може да го направи тоа?
Атанасовска: Може сите кои се чувствуваат свои, храбри жени, силни жени да учествуваат на трката, значи од најмала до најголема, ланската ми беше 78 години, така да нема категорија на години за пријавување. Нормално се пријавува на линкот кој врти по социјалните мрежи.
Еве уште еден повик на сите припаднички на понежниот пол од цела Македонија бидете дел од „Биди своја“ и на 14 јуни дојдете тука пред Офицерскиот дом во Битола.