Прилеп е наш дом, а не туѓ проблем застанат во времето, потонат во безидејност, мрак и тишина. Сонува за прогрес, доста е, Прилеп може и мора повеќе. 4 години гледавме како Прилеп се гуши под раководство на градоначалник и советници кои заборавија кому му служат и не прашаа како прилепчани сакаа да го видат својот град, во кој правец да се развива за повторно како некогаш да биде лидер во регионот, рече вечерва во Прилеп, Драгица Николоска, носител на советничка листа од СДСМ и Коалицијата.

„Сите тие советници имаат име и презиме, но имаат ли образ, чувствуваат ли одговорност? Прв меѓу нив беше Дејан Проданоски, првиот човек на општинскиот совет, носител на прилепскиот хаос. Истиот тој прв го напушти бродот земајќи пратенички мандат. Денес се враќа како спасител. Кого тој спасува? Се спасува од самиот себе? Мандатот на советниците на владеачкото мнозинство им помина во кревање рака без збор да прозборат, во носење одлуки на штета на граѓаните, а во интерес на поединци.
Нашиот мандат другари ќе се брои по успеси, по проекти што ќе го променат градот. По одлуки што ќе донесат надеж и по мерки што ќе остават трага. На овие избори нашата коалиција влегува со јасна цел, да победи и да обезбеди мнозинство во Советот на Општина Прилеп. Но победата за нас не значи поделби, туку обединување. Ќе ја подадеме раката на сите советници, без разлика од која листа доаѓаат, со една заедничка намера да носиме одлуки во интерес на граѓаните. Ќе бараме поддршка, но истовремено ќе ја дадеме на секој предлог што значи подобар живот за Прилеп.
Со нас, со овој тим граѓаните ќе имаат јасна слика за начинот на кој ќе функционира новата локална власт и општинскиот совет. Транспарентност, отчетност и одговорно работење во функција на граѓаните на Прилеп. Имаме јасна визија за нашиот дом, Прилеп исправен пред предизвиците чекори напред кон подобра иднина, со подадена рака на секој човек“, рече Николоска.