Општинската изборна комисија од Прилеп денеска им ги додели мандатите на 27-те советници и новиот градоначалник на Општината. Составот на советот ќе биде 17 советници на ВМРО-ДПМНЕ, 6 советници на СДСМ, 3 на Левица и 1 советник на ЗНАМ.
„Изборите завршија успешно без некои проблеми, излезеноста беше солидна за овој круг на избори, така да овој круг на избори заврши солидно. Успешна работа на избраните советници и поголеми резултати за град Прилеп“, рече Тони Петкоски, заменик претседател на ОИК Прилеп.
Советниците секој со своја порака до граѓаните за тоа што очекуваат од работата на Советот во иднина.
„Ги добивме решенијата за почеток со нашата работа во Советот на Општина Прилеп. На сите советници и членови на Советот им посакувам успешна и среќна работа. Да продолжиме да работиме како досега што работевме во своите професии и овде, чесно и за сите граѓани на општина Прилеп“, рече Билјана Кржеска, советник во Општина Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ.
„Честитки до сите советници во Советот на Општина Прилеп и новиот градоначалник. Ветувам дека ќе работиме онака како што кажавме во кампањата, транспарентно, отчетно и секогаш во служба на граѓаните“, истакна Драгица Николоска, советник во Општина Прилеп од СДСМ.
„Почитувани, денес и официјално ги добивме уверенијата за советници во Советот на Општина Прилеп. Со нетрпение ја очекуваме првата седница, точките на дневен ред и конечно да почнеме со работа за добробит на нашите граѓани и нашите гласачи“, додаде Жарко Стеваноски, советник во Општина Прилеп од Левица.
„Моја искрена желба, а и намера е сите советници кои сеуште сме тука пристуни да носиме одлуки кои ќе бидат исклучиво во интерес на градот и во интерес на граѓаните на Прилеп. Ќе се залагам да имаме преубава соработка, без разлика на која политичка партија припаѓаат советниците, да бидеме една конструктивна група која ќе биде запаметена во своите добри одлуки, по своите одлични проекти кои ги спровела во периодот додека биле советници во Советот на Општина Прилеп“, изјави Мирјана Стеваноска, советник во Општина Прилеп од ЗНАМ.
Се изврши и примопредавање на градоначалничката функција од страна на стариот градоначалник Борче Јовчески, на новиот градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски.
„Чест и задоволство е денеска да му честитам на новиот градоначалник Дејан Проданоски, да му посакам успешна и плодна работа во наредниот мандат. Започнатите проекти успешно да ги дозаврши, но во исто време и да биде опсипан и во нови проекти, бидејќи Прилеп заслужува да зачекори по патот кон европските стандарди. Со помош на владата имаме поле за развој, така да Прилеп ќе биде презентиран како една од најуспешните општини. Не се сомневам во идната работа и соработка со Советот, денес уверенија примија и советниците, честитки и до советниците на локалната самоуправа, каде се надевам транспарентно и заедно ќе донесат многу одлуки, многу решенија со еден заедничките интерес граѓаните на Прилеп да бидат задоволени со нивните потреби, предлози и се она кое го заслужува градот Прилеп“, истакна Борче Јовчески, досегашен градоначалник на Општина Прилеп.
„Прва средба со вас и формалното примопредавање со градоначалникот Борче Јовчески, да му честитам за работата која ја заврши претходните 4 години, да им честитам на сите градоначалници кои досега работеа во интерес на Прилеп и се надевам без лажна скромност дека резултатите кои што следат во следните 4 години ќе бидат подобри за сите нас, за сите граѓани. Очекувајте многу работа, работа во интерес на сите, мораме да се искачиме над ситуацијата, градоначалникот е биран од сите граѓани, благодарам на довербата на оние кои што гласаа, благодарам за лекцијата која ни ја одржаа нашите граѓани дека навистина треба да се поправа довербата што политичарите ја имаат во граѓанството и верувам дека во овој 4 годишен мандат ќе направиме се што можеме локалната самоуправа да работи само и само во интерес на прилепчани“, изјави Дејан Проданоски, нов градоначалник на Општина Прилеп.
Се почекува деновиве да се одржи и конститутивната седница на Советот на Општина Прилеп.