Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од М. Брод стана едиственото училиште во Македонија кое има сопствена кујна со топол оброк за учениците. Останатите училишта кои нудат ваков тип на услуга тоа го прават преку оператори за храна. Со процесот на оптимизација се затворило училиштето и ученичкиот дом кој функционирал во негов состав во селото Манастирец, а општината двајцата вработени готвачи наместо да ги отпушти од работа ги преместува во оваа кујна.
„Ја оспособивме училишната кујна и со почетокот на учебната година успешно функционира училишната кујна каде што покрај за учениците од целодневната настава што ја организираме, за нив имаме доручек, ручек и ужина, исто така топол оброк им се дели и на другите ученици, така да имаме организирано 2 големи одмори и на тие големи одмори учениците користат топол оброк“, изјави Тони Ставрески, директор на ООУ „Св. Климент Охридски“ од М. Брод.
Од 306 ученици во училиштето над 250 се хранат во училишната кујна, проектот наголемо бил прифатен и од учениците и од нивните родители.
„Обезбедивме здрав оброк за секое детенце од 1 до 9 одделение во училиштето, но се разликуваме од останатите училишта по тоа што не само што обезбедуваме здрава храна и здрав оброк, туку самата кујна ја менаџира училиштето. Што значи дека куварите се вработени во самото училиште, кујната ја опремивме и е во целосна кондиција, целокупната храна се подготвува во самото училиште. На дечињата од дневен престој им следуваат 2 оброци, а за останатите дечиња по 1 оброк, што значи секој ученик во општина Македонски Брод добива еднаш во денот здрав оброк додека е во основното училиште“, рече Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Општината со оптимизацијата и со укинувањето на 3 подрачни училишта за прв пат годинава М. Брод воведе и целодневна настава во Климент Охридски“ за ученици од 1 до 3 одделение.