Претставници од Здружението на пензионери на Македонија, од повеќе градови од државава, кои беа практично и иницијатори на протестите за зголемување на пензиите за 5.000 денари во 2023 година, денеска се собраа во Прилеп да упатат апел дека тие не се ориентирани кон ниту една политичка партија во Македонија и дека се оградуваат од сите пензионери кои се определиле да се приклучат кон некоја партија. Деновиве се погласни се препукувањата на Партијата на пензионери која одлучи да излезе од коалиција со СДСМ, и да се приклучи кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а додека еден дел од таа партија се уште сака да остане со СДСМ.

„Излеговме како Здружение на пензионери, никако како партија. Ние не сме партиски определени, ние делуваме како Здружени на пензионери и ќе остане како такви. Пензионерите кои се определиле да одат во партии, ние се оградуваме од нив. Ние ќе продолжиме да работиме како Здружение на пензионери и она што го имаме зацртано се надеваме дека ќе го оствариме. Бидејќи најтешкиот дел го остваривме. Тие 5.000 денари никој во светот ги нема обезбедено освен ВМРО-ДПМНЕ. Од Прилеп почнавме, во пресрет ни излезе само пратеникот Петар Ристески и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски, што после кога дојдоа на власт премиерот Христијан Мицкоски тоа го дозволи и успеавме во тоа“, рече Верче Јанческа, Иницијативен одбор на Здружението на пензионери на Македонија „За достоен живот“.
Пензионерите бараат имплементација на ново законско решение за пензионерите, со кое трајно ќе се решат нивните проблеми. Велат дека тоа е подготвено, доставено до повеќе пратеници и очекуваат Владата да го прифати, затоа што потенцираат дека тие се 20% од гласачкото тело во Македонија и секоја партија требало да знае дека од другата страна има сериозен фактор со кој треба да преговара.
„Овој постоечки закон не извади на улица бидејќи генерираше проблеми кај пензионерите во однос на висината на пензиите. Излеговме со парола дека тој што ќе предложи нов, квалитетен закон за пензионерите ќе го добие нашиот глас. Во меѓувреме сами изготвивме закон и го приложивме секаде каде што имаше потреба и не интересира до каде е работата со тој предлог закон кој би ги решил проблемите на сите пензионери во иднина. Гледаме дека нема позитивна желба нешто да се промени, затоа нека се запрашаат кој глас ќе го добијат од пензионерите во иднина“, порача пензионер од Битола.
„Закон кој што ќе ги покрие потребите особено на најранливите групи, закон кој што ќе биде паралелен со соодносот на платите и пензиите. Да речиме тоа би бил сооднос 1:4 или 70% од просечната плата да изнесува просечнаата пензија. Миле Тасески, наш член го изработи тој закон и истиот ги решава огромниот број на проблеми на пензионерите. На овој начин ние сакаме да им помогниме на Владите во Македонија, еве конкретно на оваа Влада, бидејќи кога беше како опозиција таа не поддржа, сакаме да и помогниме бидејќи со прифаќање на Законот ќе и се олесни работата и ќе има еден тек насочен кој што ќе ги задоволува и потребите, но и финансиите кои што се собираат, а вака немаме никаква контрола. Доставен е законот до повеќе пратеници и министри и доколку се донесе тој закон Владата ќе има лесна работа да ги реши проблемите на сите пензионери“, додаде Делче Максимоски, пенизонер од Охрид.
Исто така не се задолни од покачувањето на пензиите и бараат нивни претставници да има на раководни позиции во Сојузот на пензионери на Македонија.
„Ние бараме достојни услови за пензионерите, ова 1.000 денари покачување е малку, затоа што ако има по 300 евра покачување за функционерите, тогаш 1.000 денари еве јас на сета сиромаштија ќе му ја отстапам на премиерот за да може полагодно да живее со оние негови министри таму што се, освен министерот Тошковски со сета почит кон него. Апелирам до Владата сето тоа раководство што е во Сојузот на пензионери да се разреши, да им се испита нивното работење, дали имаат украдено пари, и да се стават пензионери на раководни места со максимум 18.000 денари пензија“, рече Гоце Китески, пензионер од Охрид.