Битолски камерен оркестар заедно со Наде Талевска, Ристо Самарџиев и Андријaна Јаневска, Харис Џиновиќ, Никола Роквиќ, се само дел од музичките ѕвезди кои годинава од 18 до 20 јули годинава ќе ги забавуваaт гостите на Пиво фестивалот во Прилеп. Годинава организатори се Vive event, со голема поддршка на Општина Прилеп.
„Општина Прилеп преку програмата за култура предвиде поддршка од 1 милион денари, како потврда за континуираната поддршка што ја даваме за реализација на оваа манифестација. Ве уверувам дека градот ќе биде целосно подготвен да ги пречека десетиците илјади посетители и љубители на добра музика, вкусна храна и ладно пиво. Во координација со организаторот, со кого имаме потпишан Меморандум за соработка обезбедена е одлична музичка програма, која ќе понуди незаборавна атмосфера за сите генерации. Како локална самоуправа ги преземаме сите неопходни мерки за обезбедување на беспрекорна хигиена, паркинг места, за што се грижат нашите јавни претпријатија“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Локацијата на одржување е повторно во центарот на Прилеп, каде на штандовите ќе бидат претставени 6 пивари: Прилепска пиварница, Скопска Пивара, Македонско пиво, Сараевско пиво, Митос и Пеја со 20-тина видови на пиво. Водител ќе биде стенд ап комичарот Бојан Велески.
„Она што е интересно, што е старо – ново за овој фестивал, она што се враќа е што по завршувањето на официјалната програма продолжува забавата, знам дека младите во градот тоа многу го сакаат и навистина ми е драго што ќе го има. Значи по завршувањето на официјалната програма се сели забавата на Камената бина, ќе има диџеј, сеуште не знаеме кој, се утврдува тоа деновиве. Значи буџетот е околу 100.000 евра, 1 милион денари е од Општината како што кажа градоначалникот, друготе 5 милиони се обезбедени од спонзори кои ќе бидат изнесени на бината. Во тој буџет влегуваат и ѕвездите и целокупната организација од штандови, обезбедување и се буквално, се потруди организаторот оваа година со овие средства да обезбеди колку што може поквалитетна програма“, рече Бојан Велески, водител на Пиво фестивалот.
Додека се одржува Пиво фестивалот работното време на сите угостителски објекти во градот ќе биде продолжено.