По повод Денот на ослободувањето на Прилеп празникот „3 Ноември“ познатиот прилепски флејтист Коста Смилески доби своја ѕвезда на „Патеката на славните“ во Прилеп, која се наоѓа на АРТ Плоштадот пред Центарот за култура „Марко Цепенков“. Неговиот син Васко Смилески се заблагодари за оваа постхумна награда за ликот и делото на неговиот татко.
„Ова за мене е огромна чест за мене и за моето семејство и се надевам дека идните поколенија ќе ја продолжат оваа традиција како многу значаен настан за нашиот град. Мојот татко Коста Смилески беше флејтист, тој беше дар од Бог, долгогодипен член на МРТ, каде што свиреше на флејта и има свирено и аранжирано со сите постари музичари како Никола Бадев, Васко Илиева, Александар Сариевски итн… Тој е роден 1939 година, а е починат по кратко боледување во 1995 година“, изјави Васко Смилески, син на Коста Смилески.
Од Општина Прилеп истакнаа дека и во иднина ќе се продолжи оваа традиција со поставување на имиња на познати прилепчани на „Патеката на славните“, традиција која од непознати причини беше запрена и ова е прва ѕвезда поставена тука од 2016 година.
„Најавувам дека следниот период ќе работиме на дополнување на празните места на „Патеката на славните“, од 2016 година ова е прво поставување на ѕвезда на Коста Смилески, верувам дека направивме огромна радост и чест на неговото семејство“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Манифестацијата по повод празникот „3 Ноември“, продолжува со доделување на наградите по повој овој ден во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“.