Забава, дружење, кампинг и екологија. По трет пат во Крани се одржа „Камп фест Преспа 2026“, чија цел e презентирање на убавините и можностите на овој крај, но и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Организатори на настанот беа Еко Герила Преспа, со поддршка на Инситутутот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“.
„Од година во година може да се пофалиме дека имаме се поголем интерес и од луѓе кои се надвор од регионот да кампуваат, да ја почувствуваат природата, убавините, потенцијалот на Преспа, а тоа беше и целта на младите“, изјави Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.
„Јас сум тука 4-5 месеци, пензионер сум и со сопругата сме тука цело лето. Има доста народ и посетеност оваа година, не се памети скоро 40-50 години да било вака“, вели Живко Веселинов, учесник на Камп фест Преспа.
Плажата „Сончев брег“ во автокампот Крани се врати како во своите најдобри времиња од пред 4-5 децении, а туристи имаше од цела Македонија кои преку кампањата дознаа за ова уникатно викенд искуство. Имаше се` што може да се доживее на еден еко-камп.
Првиот ден помина во забава со диџеј која траеше до доцните вечерни часови, Додека вториот ден камперите ги разбудија звуците на групата музички ентузијасти кои приредија мала музичка програма.
Учесниците прво се вклучија во еко-акцијата на плажата, а потоа имаа можност да погледнат и документарниот филм „Природно од Преспа“. Како и секоја година, и ова лето оваа викенд-акцијата не помина без волонтерите кои се или од Еко Герила или од локалното население.
„Преку овој камп можеме да ја промовираме Преспа како туристичка дестинација каде младите волонтери може да се вклучат во активностите на овој камп фест, со цел да го подобриме туризмот во Преспа“, ни посочи Дијана Секуловска, учесник во кампот.
„Овој камп е прекрасно искуство за сите волонтери од Преспа, но и од сите страни на Македонија, бидејќи во овој камп учествуваат многу голем број на посетители и се докажува колкав е бројот на посетители во Преспа“, кажа Теодора Проевска, учесник во кампот.
Убавините на Преспа може да се доживеат и на поинаков начин, возејќи електрични велосипеди на релација Крани – Претор од околу 8 километри во еден правец, која беше отворена за сите – и големи и мали. Велотурата беше дел од проектот „Преспа со велосипед“, во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“, поддржана од Делегацијата на Европската Унија и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации.
„Треба да се искористат природните убавини што ги има овој регион, како езерото, така и планината. Треба да се збогатат содржините што ќе ги привлечат луѓето да доаѓаат тука“, истакна Зоран Стојчевски, учесник на „Камп фест Преспа“.
„Доаѓаме скоро секоја година во Преспа, и секоја година носиме велосипеди со нас и одиме по патеката од Крани до Претор и назад. Еве и со најмалиот член, барем секој втор или трет ден ја возиме“, вели Драган Ефремов, посетител на кампот.
„Изминатиот ден имаше тура која беше за прв пат инклузивна и се промовираа велосипеди кои се за лица со попреченост и навистина сакаме Преспа да биде достапна за сите и никој да не биде изоставен. Она што следува во однос на велосипедизмот за Преспа е дека во наредните месеци ќе трасираме и ќе реконструираме над 100 километри велосипедски патеки кои ќе почнуваат од Коњско, па се до Долно Дупени, кружно низ цела Преспа“, посочи Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП.
На крајот, како што прилега, секој си остава како и што нашол. Сите зад себе си го собраа отпадот, и ја оставија плажата и Преспа чиста за да може било кој да ужива и следниот пат кога ќе ја посети.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со порталот Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.