По 20-ти јубилеен пат Прилеп го одбележа својот патрон празник, градската Слава Свети Никола. Празнувањето започна со Божествена литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Петар, а заврши со посветување на славскиот колач и позна трпеза за сите граѓани во центарот на Прилеп. Овој ден веќе 2 децении е вистински бренд за Прилеп со кој градот е препознатлив насекаде. Хуманоста, заедништвото и правдата се делата на Свети Никола кои прилепчани ги чуваат до денес како негов аманет.
„Денес ако некогаш е најпотребно да се застапуваме за правдата, за праведноста, за верата и за општата правда во општеството, со устите наши, со гласот наш, со совеста што ни ја дал Бог која е гласот божји во секој човек, почнувајќи од децата па се до најстарите, да се застапуваме за праведноста. Во тој дух, само да укажам на тоа и да упатам дека, сакаме ли Свети Никола, архиепископот мирликијски чудотворец, кој е заштитник на овој град, да го славиме вистински, ќе го славиме само тогаш ако постапуваме според неговиот живот и според неговите дела“, истакна Владика Петар, Митрополити Преспанко-Пелагониски.
„Славењето на Свети Никола во Прилеп не е само обичај, туку силен симбол на нашата духовност, меѓусебна почит, заедништво и хуманост. На овој ден, секој кажан збор и секое добро дело имаат посебна тежина. Свети Никола е заштитник на сиромашните и немоќните, затоа веруваме дека секое добро направено на овој празник се враќа повеќекратно. Овој јубилеј ни дава уште поголем мотив да продолжиме да ја негуваме традицијата, меѓусебната почит и солидарноста, заедно да градиме и создаваме иднина за генерациите кои доаѓаат по нас, незаборавајќи ги основните човекови вредности, почитта, дарувањето и грижата за другиот. Во тој дух продолжуваме да ги чуваме и негуваме локалните традиции и духовноста, градејќи го Прилеп како препознатлива и отворена дестинација во која секој добронамерен гостин ќе има причина да не посети и одблиску да ја почувствува убавината и богатството на нашата вековна историја и традиција“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Секоја година Градската слава си има свои домаќини кои си го предаваат кумството едни на други. Годинава Домаќини беа двете прилепски реномирани компании Матадор и Бимфоод, а идната година тоа ќе биде компанијата Рустика.
„Сакам да кажам дека голема чест и задоволство беше да се биде домаќин на денешната слава. Прекрасно е чувството и на сите идни домаќини им посакувам поуспешно и поорганизирано од годинава да ја прослават. Ви благодарам за довербата и вниманието кое ни го дадовте“, додаде Игор Стеванов, годинашен домаќин на градската слава.
Граѓаните се горди на традицијата која со векови се пренесува од колено на колено. И големи почитувачи на ликот и делото на големиот православен светител Свети Никола. Денес половина од Прилеп за куќна слава го има Свети Никола, а другата половина од граѓаните им одат на гости.
„Ова е една традиција која навистина е радосна и ќеф е да бидеш на ваква свеченост.
Доаѓате секоја година?
Па последните неколку години доаѓам, не сум прилепчанец, но веќе овде живеам, така да редовно идам и ме радува што навистина останува една традиција и сакам и понатаму да продолжи“, вели еден граѓанин.
„Денес пола Прилеп го празнува празникот и сакам ова да трае долги години, многу е убаво.
Вие одите на слава денес некаде?
Да, сега веднаш заминувам кај сестра ми, вчера бев кај баџанакот и такам убаво е.
Значи секој прилепчанец има по повеќе слави?
По една, но плус оваа, оваа е за сите“, додаде друг прилепчанец.
„Значи оживување на традицијата, значи собирање на едно место во центарот на градот на сите. Претставува и радост на градот. Ние како здружение на жени Орхидеја, 4 здруженија сме, сите 4 здруженија се собравме и направивме посни и убави сармички кои што се мали колку едно нокте. Тоа претставува обележје посебно кое го нема никаде на друго место во Македонија и ние сме среќни поради сите случувања, а најмногу поради радоста на децата, традицијата што ја пренесуваме на децата и младите“, рече една посетителка на настанот во центарот на градот.
„Како се празнува славата Свети Никола во Прилеп?
Многу убаво се слави, со посни сарми, грав, риби, благо, сите работи, многу убаво се прославува.
Денес пола град слави, другата оди на гости?
„Да да, половина одат на гости. Сега овде ние да присуствуваме на оваа манифестација, потоа одиме на слава“, кажа друга посетителка на манифестацијата.
„Преубав, ден, преубава традиција. Голем празник за Прилеп, со овој празник сме препознатливи во цела Македонија. Свети Николај е голем ден.
Вие имате слава, одите некаде?
Да, одиме кај ќерката.
Како се празнува овој ден во Прилеп?
Се празнува со посно јадење, посни сармички, грав, риба, благо, овојше, кој колку што може“, рече една прилепчанка.
„Навистина е убаво, повеќе од пола град го слави овој празник.
Дали вие имате слава, дали ви доаѓаат?
Имаме слава да, славата ни е Пречиста, за Свети Никола ние одиме.
На колку слави едно семејство за Свети Никола може да оди?
Па може на 3, 4, 5.
Како се постигнува тоа?
Па со помош на пријатели, роднини, да се спреми се што треба, сармите, гравот, рибите и да се оди на гости кај сите по малку и да се чествува празникот“, истакна радосна друга посетителна на манифестацијата која се одржа во центарот на Прилеп.
Трпезата годинава се служеше за сите граѓамни на плоштадот. И домаќините и гостите и народот беа под еден шатор, без да има делби како порано. Се беше подеднакво за сите. А организаторите обезбедија за присустните и музичка пригодна програма.