ВИДЕО- По 25 години Демир Хисар повторно доби кино преку проектот „Младински политики по мерка на младите“

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци
Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.

За прв пат по 25 години Демир Хисар повторно доби кино преку проектот „Младински политики по мерка на младите“, во соработка Про Локал и поддршка од Општина Демир Хисар и Домот за култура од овој град. Инаку киното се отвора по барање на младите од Демир Хисар кои сметаа дека една ваква установа е потребна за збогатување на квалитетот на живот во ова место. Овој проект се реализира во сите општини од Пелагонискиот плански регион.

„Денес имаме еден официјален настан каде што го отвораме киното, на денешното отворање ќе имаме проекции на кратки филмови од нашиот македонски режисер Гоце Цветановски, кој всушност потекнува од Демир Хисар. Со редовни кино проекции започнуваме од наредниот петок, инаку како информација во минатото во Демир Хисар секој петок луѓето оделе на кино, имало редовни кино проекции и таа традиција ние планираме да ја возобновиме од наредниот петок. Повозрасните да се потсетат на тие убави времиња, додека помладите генерации да се научат да ја практикуваат оваа уметност и да се вклучат во овие културни текови во нашата општина“, изјави Славчо Вељаноски, директор на Дом за култура „Илинден“.

 

„Точно тоа беше и целта на овој проект, да младите сами кажат кој е нивниот приоритет, што е она што недостига, а сакаат да го имаат во својата локална заедница, а ние како организација во соработка со Икарус конкретно за Демир Хисар, паралелно исполнувајќи ја таа нивна цел работевме на условно кажано вежбање како тие да го артикулираат својот глас во она што значи административна процедура, да креираат трага дека се сретнале, се договориле, идејата е резултат на колективна потреба, не само на поединци и истата ја реализирале преку поединци, или во конкретниот случај на локално ниво тоа е општинската администрација, градоначалникот и Советот“, додаде Емилија Ѓероска, Про локал, реализатор на проектот.

 

„Навистина ми е мило што веќе имаме и професионално кино, нешто со кое не може да се пофалат и многу поголеми општини од нас. Ќе ја искористам приликата да им се заблагодарам на сите вклучени за реализација на овој проект и сите демирхисарци да ги поканам да ги посетуваат проекциите и да ја подигнеме и оваа култура на ниво на кое заслужува да биде“, изјави Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.

Киното ги врати емоциите кај повозрасните и постарите жители за тоа како порано изгледало одењето на кино.

Сакам да евоцирам спомени од моето сеќавање кога беше старото кино. Тогаш се прожектираа филмовите со 35ка филм и беше интересно што филмовите стигнуваа на пошта и најмалку двајца мораа да ги донесат, што значи двајца ќе влезат без пари. Ние кој и да дојди на врата викавме дека јас го носев филмот и ќе се соберевме 10 души. Се прашуваа колку мина го носевме филмот, двајца или 10 души и имаше ситуации, за да се премота филмот му требаа 10 до 15 минути бидејќи рачно се премотуваа и после тоа имаше пауза на која ние излегувавме од салата и бидејќи ние не сме го гледале првиот чин разговаравме со тие што го гледале да ни кажат што се случува и на влезот ние разговаравме за филмот како било за да влезиме без пари“, се потсети Зоранчо Здравески Зрпе, жител на Д. Хисар.

 

Полни беа салите, немаше празно место во салата. Порано имаше и стара кино сала, беше на друга локација, но кога се изгради домот на културата се премести тука и навистина беше сензација и доживување за сите, и за мали и за големи, имаше полно посетители“, рече Ирина Стефковска, жител на Д. Хисар.

 

Титаник дефинитивно, за цел Демир Хисар најголема сензација, преполна сала, неколку пати даван, најголемо доживување“, вели Виолета Болговска, жител на Д. Хисар.

 Особено се радосни младите.

 За нас киното значи многу, како млади сакаме да има повеќе активности во Демир Хисар, бидејќи се само фудбал, играорна и ова е еден дел од денот каде можеме да бидеме во “лер“ и да се опуштиме и да гледаме некој интересен филм“, кажа Андреја Трајковска, жител на Д. Хисар.

Од денес па секој нареден петок жителите на Демир Хисар може да ги очекуваат филмските хитови да се прикажуваат во нивниот град.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци