Во Бабанеделиното училиште во Прилеп, а во организација на Заводот и Музеј од овој град се промовираше монографијата „Еден музеј на една архитектура“, посветена на прилепскиот уметнички великан Ѓорѓи Ачески – Аче. Во ова дело низ цртежи, записи и сеќавања се документира убавината на македонската архитектура. Оваа монографија како што и споменаа нејзините промотори е заветна желба на Аче неуморно да црта и да ја документира „навидум сиромашната мекедонска архитектура“ која полека изумира.
„Самоукиот сликар, уметник, Ѓорѓи Ачески – Аче, својот живот несебично го посветил на уметноста и нејзиниот развој, како што и се заветил пред себеси: – „Додека чука моето срце и до последната капа крв во моите жили, колку што можам да го збогатам своето творештво, а тоа подоцна да стане благо за Прилеп, за еден град чија генеза е репродуцирана на моите слики“, истакна Елизабета Дерменкоска – Цефи, кустос и автор на монографијата.
„Истражувањата за создавањето на оваа публикација ги започнавме во нашата специјализирана библиотека при Завод и Музеј Прилеп. Продолживме во архивот „Харалампие Поленаковиќ“ при МАНУ каде наидовме на еден отворен пристап од раководителот на архивот. Должиме благодарност до Љубомир Ѓорески кој несебично не воведе во тајните на архивистиката. На овој настан што се случува денес, прикажавме и една презентација на која што ги прикажуваме цртежите кои ги нема во нашата Камерна галерија. Тоа се цртежите кои се наоѓаат во МАНУ и во Националната галерија во Скопје. За тоа срдечна благодарност им упатуваме на колешката Маја Чанкулоска и фотографот Иван Василев“, додаде Паре Зареска, виш кустос и автор на монографијата.
Исто така во Бабанеделиното училиште се отвори „Камерната галерија „Аче“, како нов културен простор во Прилеп.
„Прилеп доби Камерна галерија, Прилеп доби уметност, Прилеп доби историја, географија, сегашност и минато. Камерната галерија која што се наоѓа во Бабанеделиното училиште при Завод и Музеј Прилеп, заедно во соработка со Министерството за култура и туризам. Нивната поддршка ни значеше многу. Идејата беше на Завод и Музеј Прилеп, но без поддршката на Министертсвото за култура немаше да го оствариме овој проект“, потенцираше Мимоза Христоска, директорка на Завод и Музеј Прилеп.
Цртежите на Аче ќе ги вратат постарите во младоста, ќе ги прошетаат низ калдрмисаните улички на минатото, а помладите пак ќе ги запознаат со последниот прилепски боем кој со блок во рака ја овековечи прилепската историја.