Итна санација на регионалниот пат Прилеп-Градско преку Плетвар е едно од главните барања Регионалната стопанска комора од Прилеп кое што ќе го упатат до Владата во пресрет на зимската сезона. Дел од патот поради тешките товарни возила е оштетен, а со подмрзнувањето во зима постои огромна опасност од сообраќајни несреќи.
„Тој пат е сериозно оштетен од компанијата која работеше на автопатот Прилеп-Битола и очекуваме една ревитализација негова за да не се доведиме во текот на зимските месеци да застане транзитот по таа траса“, изјави Никола Мариноски, претседател на регионална стопанска комора Прилеп.
Бизнисмените бараат и промена на законот за боледување по примерот на некои европски држави. Затоа што имало голем број злоупотреби при добивањето на оваа документација кај нас.
„Првите 3 до 4 дена да бидат на терет на работодавачот, а останатите денови да си ги преземи државата.На тој начин сметаме дека ќе се намалат трошоците за издадено боледување, а државата има поголеми механизни за да ги исконтролира издавањето на боледувањето. А и самата пракса покажува дека 70% се намалени боледувањата во државите каде се спровеле овие законски измени“, додаде Мариноски.
Ќе побарале и измена на царинскиот тарифник, односно укинување на царините за дел од земјоделски производи кои ги нема кај нас.
„Би им помогнало на компаниите да увезуваат производи кои не се произведуваат во Македонија, за кои нема заштита на домашно производство, а во ЕУ немаат царини. Компаниите кои ги доставија овие иницијативи беа за печурката вргањ и за доматното пире. Да добијат безцарински третман за да може да бидеме конкурентни на пазарите од ЕУ бидејќи и самата ЕУ нема царини во врска со овие производи“, рече Мариноски.
Прилепските бизнисмени одлучиле исто така во иднина да одделуваат повеќе пари за спонзорирање на спортски клубови и спортски здруженија.