ВИДЕО- Прилепчанки ги вапсаа јајцата за Велики Четврток – започнуваaт велигденскитe празнувања, традиција и обичаи

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Традиционално како и секоја година на овој ден Велики Четврток се вапсуваат јајцата за големиот христијански празник Велигден. Прилепчани се познати како големи почитувачи на православната вера и традиција, така што според преданието жените стануваат уште во раните утрински часови или кога се зазорува да ги вапсаат првите јајца. Првото вапсано јајце се нарекува Божјарче, бидејќи е посветено за Господ. Второто е посветено за ќуќата, а третото за нивата или имотот.

 

„Денес на Величетврток пред изгрејсонце вапсуваме 3 јајца, едното за Господ, едното за куќата, а едното за стоката и за посевите. Потоа, кога ќе ги вапсаме овие први 3 јајца ги тргаме настрана и си продолжуваме со вапсување на останатите јајца кои сме ги планирале да ги вапсаме. На овој ден кога ќе ги вапсаме јајцата, ги капиме малите дечиња и по обравчињата им поминуваме со црвеното јајце и велиме „живо, здраво, весело“, или „живо, здраво, дебело, радосно“, вели Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на Здружение Преродба од Прилеп.

Сите три јајца потоа заедно ставени во сите и на црвена подлога се ставаат на прозор да ги огрее првиот сончев зрак. Инаку според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето, исто така на Велики Четврток тој е предаден од страна на Јуда.

 

„Првите 3 јајца ги ставаме на прозорот да ги угрее сонцето, таков е адетот, така правела мојата баба, мојата мајка и јас сакајќи да ја задржам традицијата и јас истото го правам на овој ден, на Величетврток“, додаде, Ѓорѓиеска.

 

Сите овие празнични денови си имаат своја посебна радост и псоебна традиција и обичаи. Во Прилеп скоро и да нема куќа која не го почитува секој оставен адет од нашите предци. Утре е Велики Петок најтажниот ден во годината кога се оди во црква каде верниците ја целиваат плаштаницата, односно платното кое го симболизира Исус Христос.

 „ За Велики Петок, најтажниот ден во годината, тогаш имаме традиција мајките со децата, или бабите со внучињата облечени одиме во црква да го целиваме плаштеникот и да носиме црвено јајце вапсано, го оставаме во црквата и ги целиваме иконата и крстот и потоа свештеникот ни дава цвеќе, а на децата и вапсано јајце. Традицијата е отсекогаш застапена дека кога одиме во црква на Велипеток треба да се купи нешто ново за децата, а ние повозрасните да си купиме нешто земјено. на пример јас оваа година одлучив да купам каделница, некој друг тава или тавчиња, било што само да е земјено. А дечињата се радуваат на играчки, или нешто облека да им се купи, важно да биде нешто ново“, изјави Весна Ангелеска, членка на Здружение Преродба.

Во саботата пак се прават последните подготовки за најрадосниот ден во Христијанството – Велигден. На полноќ се оди во црква. A во неделата е Велигден, најголемиот христијански празник, Воскресението Христово.

„Во сабота на полноќ се оди во црквата, се носат црвени јајца и во 12 точно кога ќе означи се чукаат сите со јајцата и ги јадеме јајцата таму. Одат по куќи родителите и ги носат децата, ги облекуваат во ново, им купуваат само нови алишта и ги носат по куќите, по роднините, шетаат по јајца. Оваа Велигденска трпеза има од се по нешто, има јајца, козињаци, јагнешко, слатки, благи работи, се собира цело семејство. На тие празници најмногу се собираат и си идат од странство децата, тој ден да бидат дома. Најголем празник е Велигден, Христовото воскресение“, рече Блага Стојаноска, членка на Здружение Преродба.

Прилеп има навистина посебни обичаи кога доаѓаат овие Велигденски денови. Она што е интересно и што заслужува внимание е дека овие обичаи за Велигден во Прилеп ги почитуваат сите од најмладите до најстарите. Велигден во Прилеп не е ден за шетање надвор од градот туку сите овие празнични денови се дочекуваат со најблиските во кругот на семејството.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми