„Замокот на Ардељан“ е првиот роман на Драгица Ристиќ Стојческа кој што се промовираше во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп. Станува збор за готски, филозофски роман, филозофска фикција, 81 расказ сместени на 244 страници. Во романот се присутни неколку тематски и филозофски димензии, а авторката вели дека идејата се родила од нејзино внатрешно преиспитување.
„Во такви дела ликовите често се симболи на идеи, конфликтот е внатрешен, светот има метафизичка тежина, дијалозите носат филозофски судири, атмосферата е еднакво важна како и дејството. Често приказната изгледа како сон лавиринт, духовно патување, психолошки експеримент и борба со сопствената свест. Во романот се присутни неколку тематски и филозофски димензии, филозофската фикција отвора прашања, а готиката ги тера ликовите да се соочат со нив. Во романот е присутна и метафизичката димензија, зборуваше лекторката за разграничувањето меѓу реалното и внатрешното, како и видливото и невидливото. Преку метаморфозата ликовите минуваат низ една внатрешна преобразба и психолошка трансформација. Можам да кажам дека „Замокот“ е блиску до Фолковската идеја за хетеротопија. Меморијата во романот не ја третирам како апсолутен сигурен механизам, туку како внатрешна реконструкција на вистината. Замокот е повеќе состојба на духот отколку архитектура, прво ја создадов атмосферата, а потоа приказната. Во делото постои допир со религијата, но не во догматска смисла“, истакна Драгица Ристиќ Стојческа, авторка на романот.
Уредник, фотограф и дизајнер е Тања Каракалашева, додека рецензент и лектор книгата се Јан Вега и Христина Ангелеска Миоска. Тиражот е 300 примероци.
„Роман кој е повеќеслоен, доста инспиративен, топол, промислив, со доста слоеви кои едноставно продираат и се мешаат како еден вид на еклектика. Тука може да сретнете философија, имате добар дел на беретристика. Како формат би го ставил во една супернатурална жанровска форма, иако да речам во основа е повеќеслоен и има доста философски манири. Роман кој едноставно плени уште на првата топка, чуден како жанр бидејќи во оваа наша земја досега ретко, а можеби е и прва книга која се судира со еден ваков жанр. Доста готски елементи, доста научна фантастика, а пред се би рекол дека се работи за еден неонулат роман кој едноставно допрва треба да дојде, или на ова наше поднебје да земе поголем замав“, кажа Јан Вега, рецензент на романот.
„Тука отвораме врата кон свет исполнет со сенки, тишина, мрак, прашања, неизвесност и многу тајни кои чекаат да бидат откриени. Во овој магичен, мистериозен, мрачен на многу моменти свет, ве носи на едно патување низ темните ходници и тајни на „Замокот“, ама и низ сопствените прашања што постојано ќе си ги поставувате, низ сопствените дилеми, сомнежи, а тие прашања јас верувам дека ќе останат со вас уште долго по читањето на романот, или по оваа вечер, бидејќи веќе загатнавме некои од прашањата. Токму со едно такво физичко патување започнува и приказната, а тоа е патувањето на главниот лик Андреј кон замокот. Но тоа не е само физичко приближување кон некое непознато место, туку и постепено навлегување во свет во кој светлината тивко исчезнува, а темнината завладува. Преку тој пат авторката симболично го прикажува преминот од светлото, безбедното, доброто, кон нешто непознато, нешто што е опасно, неизвесно и мрачно“, вели Христина Ангелеска Миоска, лектор.
Инаку Ардељан е позната фамилија од Романија, чии потомци живеат и денес како Златко Црвенковски. Црвенкоски вели дека авторката на романот без да ја знае историјата на оваа фамилија точно погодила голем број моменти.
„Јас испитував еден момент за Ардељан, го опишува точно, прецизно, го опишува иако е фикција. Значи таа нешто мисли, а така е, тоа е Божја сила, еден момент. Ардељан, тие потекнуваат од Нимц, а на романски тоа значи Германец. Кога дошол Чаушески, бидејќи тие се Германци, иселил доста од нив, од 19.000 жители ги довел на 4.900 во тоа поднебје. Но тие се со сина крв, тие имаат знаме, имаат пари, зборувам за Ардељан и Драгица тоа го има погодено. Психичката состојба е во втората книга, првата книга без втората не важи, затоа што во втората е книга е психологијата, психата на самите личности“, додаде Златко Црвенковски, потомок на семејството Ардељан.
„Замокот на Ардељан“ има и свое продолжение „Доктрината на тишината“, дело кое што е веќе испечатено, наскоро и тоа ќе биде промовирано, а истото доби и наградата.