Во текот на 2025 година биле отворени нови 15.000 работни места, а според заменик министерот за економија, Марјан Ристески, тоа се должи пред се на ТИРЗ зоните, но и на домашното стопанство кое реинвестирало во постојните објекти со зголемување на обемот на работа и потребата од работна сила. Тука секако свој удел имале и владините мерки за вработување, особено на младите до 29 години.
„Да напоменам дека историски се овие бројки. Прв пат имаме под 90.000 регистрирани невработени лица во Македонија, а бројката за прв пат изнесува над 710.000 од работоспособното население. И да напоменам дека и тие 90.000 не се реална бројка на невработени лица. Ако ги исклучиме 30-тина илјади кои се занимаваат со земјоделие, а се пријавени во АВРМ како невработени и во работоспособното население по статистика влегувата и оние кои учат средно училиште од 16 до 18 години. А знаеме дека по закон е задолжително средното образование тука би отпаднале 5.000 до 10.000 лица, значи реалната бројка на невработени би била од 40 до 45.000 лица или тоа е околу 5% од работоспособното население што е историски најнизок процент на невработени работоспособни лица во Македонија од осамостоувањето до сега“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Лани процентот на реализација на мерките од Оперативниот план бил над 92%, а истите ги искористиле над 12.100 лица. Од кои најатрактивна мерка била самовработување која ја искористиле 2.600 лица.
„Годинава имаме многу подобри мерки кои што ги припремаме и овој активно нов оперативен план за тековната 2026 година ќе биде активен од овој месец мај. Ги повикувам сите млади невработени лица во Македонија да го пратат Оперативниот план и да аплицираат на сите мерки кои им се достапни на истите“, додаде Ристески.
Ристески го повика стопанството повеќе да соработува со средните училишта и факултетите и да ги таргетира и пресретне овие млади кадри уште пред истите да завршат и да им понуди достајна работа и плата по нивното завршување на образованието.