Законот за работно ангажирање е пред се за сузбивање на сивата економија околу пазарот на трудот, каде што покрај тоа што немаме доволно работна сила на пазарот на трудот во одредени дејности, имаме и доста работа на црно, истакна заменик министерот за економија, Марјан Ристески.
„Со ова овозможување на сите групи на граѓани во Македонија, вработени, пензионери, невработени лица, социјалци, студенти, па и средношколци над 16 години да можат да работат, да бидат ангажирани со комплетно исплатени придонеси, пензиско и здравствено осигурување, се она понатаму што му следува на еден нормално вработен човек, без да го изгубат претходно стекнатиот статус. На пример пензионерите да ја изгубат пензијата или социјалците да ја изгубат социјалната надомест, студентите што добиваат одредена студентска стипендија или бенефит, значи нема да ги изгубат тие работи, едноставно ќе можат да се вработуваат или на полно или на скратено работно време, со електронско пријавување дури и од мобилен телефон од страна на самите работодавачи, така да во текот на денот или работните денови ќе можат директно од лице место, без да одат во Агенцијата за вработување на трошат време и да се соочуваат со одредени бирократски проблеми, да ги пријавуваат и одјавуваат вработените. Се надевам дека наредниот период Државниот инспекторат на трудот ќе има засилена работа, опфатени се 3 дејности со овој Закон, дејностите угостителство, земјоделие и услужни дејности во домаќинство. Ако даде добар ефект, а сметаме дека ќе даде добар ефект овој Закон, очекуваме преку 15.000 луѓе на крајот од годината да имаат регулиран работен ангажман со овој Закон, а не да работат на црно токму во овие дејности. Тогаш ќе го прошириме овој Закон и со други дејности каде што фали работна сила“, потенцираше Ристески.