ВИДЕО – Се доделија наградите „3 Ноември“ за 2026 година во Прилеп

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

По повод 82 годишнината од ослободувањето на Прилеп за празникот 3 Ноември во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ се одржа свечена седница на Советот на Општина Прилеп на која беа доделени годинешните награди „3 Ноември“ на заслужни прилепчани.

Годинава Наградата за животно дело, по повод „3-ти Ноември“ се додели на Илија Димоски – Шаторо – прв Претседател на Општинско собрание или познат како првиот градоначалник на Прилеп во независна Македонија.

 

„Тогаш времето беше многу тешко, но советниците и цел народ сакаа да имаме суверена македонска држава. Првиот проблем со кој што се судри Собранието е референдумот на 8 септември 1991 година, тогаш цел народ го очекуваше тој ден, се сеќавам тој ден беше еден многу убав, сончев ден, сите костумосани дотерани фатени за раце со децата или со татковците одеа на гласачките места да го дадат својот глас. Една група од автомобили тргнала да оди према касарната, веднаш мене ме известија дека групава оди на касарни. Јас предвидов дека може да стани инцидент, бидејќи во касарната уште беше ЈНА, а тие одеа таму да провоцираат. Јас запалив еден автомобил и со голема брзина, ноќе беше, 8 и пол часот, излегов пред групата и пред мостот, пред касарната ја свртив групата преа Вишне маало, така да можеше да дојде до несакани последици. Мора да кажам дека да гласаш е многу лесно, ама да ја сочуваш државата и за да одиме напред треба да имаш мудрост. Јас во тоа успеав и сум многу ќевлија и многу убаво се сеќавам на тој настан. Дојде еден, ми вика те викаат да појдиш во печатницата, те вика генералниот директор. Ми дадоа 10 банкноти, утрото јас заминав за Скопје и една пара уште ми остана и сите ме бараа да ми ја земат, ми бараа и 100 марки награда за да им ја дадам. Не реков, оваа пара ќе оди кај Киро Глигоров, кај претседателот. Утрото појдов кај Киро, му ја дадов парата, ја бакна и рече дали може Илија ова во Македонија да се прави. Во Прилеп му велам сѐ може“, рече Илија Димоски – Шаторо, добитник на наградата за живото дело „3 Ноември“.

Се доделија и повеќе награди-плакети по повод  „3-ти Ноември“ – Денот на ослободувањето на Прилеп на неколку проватни компании и државни установи. Прва беше компанијата Витаминка.

„Оваа година е јубилејна, 70 години од постоењето на фабриката. Тоа е голем настан, историја со крупни чекори на работење, реализирани инвестиции, освојување на пазари, успешни пазари, години без ниту една појавена загуба од работењето. Ликот на брендот Стоби Флипс, кој е носител на развојот на фабрикава и носител на севкупното работење на Витаминка го ребрендираме, му даваме нова облека, нов лик, малку променет од постоечкиот после 45 години. Тој денес на пазарот е со една нова физиономија, нов лик, но со истиот стабилен и стандарден квалитет и вкус кој го има уште од првиот ден на производството“, рече Симон Наумоски, ПИ Витаминка.

Меѓу наградените беше и НУ Завод за заштита на споменици на културата и Музеј – Прилеп, кој одбележува 65 години од формирањето на Меморијалниот музеј “11 Октомври”.

„Националната установа со ова признание ја продолжува и ја презентира долгогодишната работа на институцијата во заштитата, истражувањето и афирмацијата на културното наследство. Оваа година е посебно важна за нас, одбележуваме 65 години од отворањето на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“, кој што е значаен и историски момент за нашиот град. Истовремено го прославуваме и 70 годишното постоење на нашата институција, институција која долги години се занимава со истражување, конзервација, реставрација и афирмација на културното наследство. Ова признание го доживуваме како вредност на посветеност и професионалноста на генерациите вработени кои ја граделе институцијата, но и како поттик за нас денес да продолжиме и да ја развиваме нејзината дејност и да одговориме на современите предизвици“, кажа Мимоза Христоска, директор на НУ Завод и музеј Прилеп.

Помеѓу овие наградени е и винаријата „Сарика“ за своите многу бројни награди и одгледување на винова лоза и производство на автентично вино.

„Сарика“ винарија има традиција во производството на вино повеќе од 80 години, официјално од 2020 година кога го доби решението за пуштање на вина во промет. Учествува на сите меѓународни натпревари и сите настани вински кои ги има во земјата и во странство. Секаде го прикажува прилепскиот регион како печат, препознатлив и тоа не е никаков проблем за меѓународните судии да дадат златен медал за сите наши вина кои ги имаме и ги пуштаме на натпревар. Особено сме горди со вранецот кој што ни има многу награди добиено на меѓународни натпревари. Најмногу се популарни златните медали кои ги добиваме од меѓународните судии, но исто така има и сребрен медал кој е добиен на Декантер во Англија, во конкуренција од 18.000 вина“, велат од винаријата „Сарика“.

Награда-плакета доби и Црковниот хород црквата Света Петка, кој активно активно учество во парохискиот богослужбен живот и духовната дејност на храмот.

„Целата дејност наша се основува на возобновување на литургиската музика, на литургиската култура. Исто така на проширување на самата музичка уметност, односно сфаќањето на музиката како уметност, а не само како занает. Нашиот концерт по повод 10 годишнината од постоењето на хорот, а тоа беше минатата година, концертот во Париз, каде имавме можност да го претставиме не само нашиот град, туку и нашиот храм тука, како и нашата татковина пред француската публика во капелата Сент Винсент. Во однос на публиката имавме автентична француска публика која беше доста заинтересирана за нашата македонска духовна, но и фолклорна музика“, изјави Гоце Секулоски, ракводител на хорот.

Наградите-дипломи по повод  „3-ти Ноември“ – Денот на ослободувањето на Прилеп, им се доделија на повеќе успешни прилепчани:

Матеј Белистојаноски – Светски и европски првак во карате во својата категорија.

„Тренирам во карате клуб 194, каде тренер е мојот татко Петар Велистојановски. Тренирам секој ден по 2 часа, можеби и повеќе. Со карате започнав да се занимавам од 4 години, преку мојот татко фамилијарно го започнав каратето. Тоа е една вештина каде имаме карате борби и кати, јас се натпреварувам во борби и сум медитерански и европски првак во карате. Оваа награда пред сѐ претставува голем мотив во мојата кариера за понатамошните предизвици и голема чест е да се освои во мојот роден град“, додаде Матеј Белистојаноски – Светски и европски првак во карате во својата категорија.

Наградите-дипломи доби и Стефче Стојковски – музички уметник (Ансамбл “Стефче Стојковски”)

„Најнапред сакам да се заблагодарам на Општина Прилеп за довербата и за доделувањето на оваа награда. Навистина е прекрасно чувството кога ќе добиете едно вакво признание. За мене лично оваа награда претставува огромна потврда дека трудот и посветеност на крајот секогаш се исплатат. Кога работите нешто со години, со многу љубов, многу страст и многу посветеност ваквото признание покажува дека сте на вистинскиот пат, кој го трасирале нашите предци. Сакам да му се заблагодарам на Бога за дарбата што ми ја подарил, затоа што верувам дека секој талент е благослов од Бога. Морам да нагласам дека оваа награда не е само мој личен успех, ова е заслуга на сите оние кои на директен или индиректен начин ја всадиле љубовта кон македонската музичка традиција“, истакна Стефче Стојковски – музички уметник.

Помеѓу наградените беше и Марјан Стојаноски – академски уметник, скулптор.

„Третоноемвриската награда за еден уметник, верувам за секој, но особено за ликовните уметници претставува и е додадена вредност на трудот кој во нашето минато ние сме го реализирале, сме го давале за нашиот град, односно ние како автори е еден вид на доказ за нашата заложба за ликовната уметност да ја издигнеме на едно повисоко ниво. Ние, односно еве јас како координатор на ликовнава колонија, секоја година давам особено акцент на младите автори и од локален карактер да дојдат на колонијата, да творат, да работат и тука и да се надградуваат, да смениме искуства, да разговараме, сѐ со цел ликовната уметност во Прилеп да ја подигнеме на уште едно повисоко ниво“, рече Марјан Стојаноски – академски уметник, скулптор.

Награда-диплома доби и Никола Здравески – златен и сребрен медал на Светска олимпијада по географија.

„Оваа награда има особено значење за мене, бидејќи со овие 2 медали кои ги освоив на Олимпијадата се потврди мојот вложен труд, континуираноста, посветеноста и особено сум среќен што достојно и гордо ја претставив мојата гимназија, мојот град и гордо го развиорив македонското знаме во Италија. Уште од мал ме интересирала гоеграфијата, истражувам на интернет знамиња, држави, со работа сѐ се постигнува и би продолжил да работам по мојот успех“, додаде Никола Здравески – златен и сребрен медал на Светска олимпијада по географија.

Димитар Димитриоски – прилепски ракометар, најдобар стрелец во ракометната Супер Лига на Македонија исто така доби награда-диплома.

„Во врска со мојата кариера, моментално јас сум капитен на екипата на РК Прилеп која се натпреварува во машката Супер лига. Претходно имам некое искуство во екипите на Металург, каде ја започнав мојата кариера, потоа патот ме водеше во екипата на Вардар, Пелистер 2, едно интернационално прекрасно искуство од 3 години во Шпанија во екипата на Ваљадолид и ете се вратив тука, одигравме перфектна сезона, но не стигнавме до тој посакуван плеј оф за кој се бориме оваа година да го оствариме. За мене чест и задоволство е да бидам пред прилепската публика, прилепската јавност и да се борам за дресот на РК Прилеп“, изјави Димитар Димитриоски – прилепски ракометар.

Благица Чатлеска, наставник по англиски јазик во ООУ “Гоце Делчев” –Прилеп, исто беше дел од наградените.

„Оваа награда за мене претставува огромно признание, благодарност, чест и гордост, но и уште поголема мотивација да продолжам да создавам, но и да оставам позитивна трага. Сметам дека третоноемвриската награда е резултат на долгогодишна посветеност, љубов и вложување во образованието. Мојот придонес го гледам преку просветната наставничка работа, поттикнувањето на детските способности, знаења и таленти, преку образовните активности и иницијативи, како и преку создавањето можности секое дете да го открие и развие својот потенцијал“, вели Благица Чатлеска. наставник по англиски јазик во ООУ “Гоце Делчев” -Прилеп.

Со награда се стекна и Антонио Јакимовски- научен работник за високи досигнувања од областа на археологијата, професор на Универзитетот “Кирил и Методиј” –Скопје.

„Оваа награда за мене претставува особена чест и задоволство што ни се поклопува со 20 години истражување на археолошкиот локалитет „Старо Бонче“ и 20 и неколку години истражување во прилепскиот крај. Значи станува збор за археологија, нешто што го истражуваме со години и имаме чест и задоволство оваа година и да го официјализираме со издавањето на монографија која се однесува токму на ова големо истражување. Мојот иден предизвик е да продолжиме, односно да ја ставиме гробницата која е единствена ваква барем кај нас, но и пошироко, да ја ставиме во туристичка понуда, односно секој да може да се појави кај неа, да ужива, да ги види тие убавини. Значи станува збор за нешто навистина уникатно, за нешто прекрасно“, кажа Антонио Јакимовски, археолог.

 Постхумно награда – диплома доби и прилепскиот и драматург режисер Кирил Петрески.

 

Кој ненадејно се збогуваше од сцената на животот на 28 август годинава, на 55 годишна возраст. Кирил М. Петрески беше член на колективот на националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“, народен театар „Војдан Чернодрински“, каде од 2013 година работеше како драматург и режисер. Со својата долгогодишна и посветена работа, Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и развојот на неговиот матичен театар, како и свој неизбришлив печат во македонскиот театар воопшто.

Годинава во Прилеп имаше цел еден месец случувања поради големите празници во овој период 11 Октомври, 23 Октомври и 3 Ноември, период со случувања насловен како „Приказната за Прилеп“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци