Поради голем дефект на цевководот кој поминува под улицата „Леце Котески“ во Прилеп од утринава од 5.30 часот е поплавен дворот и дел од објектите на ТППЕ Прилеп. Екипите на ЈКП „Водовод и Канализација“ и од Дирекцијата за заштита и спасување скоро цел ден се борат да го лоцираат дефектот тоа засега е безуспешно. Поради поправките исклучен од водоснабдување е целиот овој реон на градот.
„Би упатил еден апел за разбирање до граѓаните кои живеат во населбите во непосредна близина на ТППЕ, веднаш штом ќе се заврши со отстранување на дефектот дека ќе добијат нормално водоснабдување. Јас се извинувам до сите заради настанатиот прекин во нормалното водоснабдување, но тоа е, мрежата е таа, се работи активно на отстранување на дефектот и нема да запреме се додека не се отстрани“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„Према нашите првични информации кои ги имаме тука се работи најверојатно на 300-ката, на потегот на оваа улица, на Леце Котески. Но се до целосно отворање на линијата не би можеле да кажеме за каков дефект станува збор“, кажа Катерина Димеска, ЈКП „Водовод и Канализација“ Прилеп.
Материјална штета на опремата и возилата на ТППЕ Прилеп нема затоа што водата е стигната до гаражите на пожарната. Во моментов со специјални пумпо на ДСЗ се испумпува водата.
„Оваа пумпа која работи црпи до 1.800 литри во минута, сега претпоставка е дека истекуваат околу 1.500 литри во минута, значи ќе се намали количината на вода за да можеме точно да дојдеме до дефектот. Но во непосредна близина каде што се цевките врват и кабли од електрични инсталации, од ЕВН, при копањето со градежната машина тие кабли се утврдени и мораме да внимаваме за да не дојде до несакани последици“, додаде Јован Аврамоски, инспектор за заштита и спасување во ДЗС.
Екипите на ДСЗ, прилепски Водовод и ТППЕ доколку е потребно ќе работат на случајот и преку целата ноќ се до негово решавање и воспоставување нормално водоснабдување.