47,7% од мажите често или многу често се под стрес, 69% имаат тешкотија отворено да зборуваат своите чувства, 33% не се сеќаваат кога последен пат зборувале за она што ги оптеретува. Ова се само дел од одговорите до кои дојде Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ од Прилеп при своето последно истражува од кое што произлезе и публикацијата „Тишината меѓу нас“.
„73,3% имаат една личност досебе за разговор, но поразително е тоа што 24,8% не споделуваат со никого. Во однос на помошта која ја побарале, 13,1% од испитаниците не побарале психолошка помош. Од кои што 39,5% одговориле дека не побарале од страв или осуда. Додека 32,4% одговориле од неверување дека нешто ќе добијат како помош доколку истата ја побараат“, вели Петра Лукароска, претседател на Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ од Прилеп.
Исто така со истражувањето се дошло до заклучок дека психотерапијата е скапа услуга која дел од граѓаните не можат да си ја дозволат.
„Голем дел од испитаниците кои имале потреба не знаеле каде треба да се обратат, а еден дел иако знаеле каде треба да се обратат не се обратиле од финансиски причини. Психотерапијата на луѓето им е скапа услуга и е услуга која не е доволно покриена од Фондот за здравство“, додаде Гордана Ристевска Димитровска, специјалист психијатар.
Психијатриските услуги биле пак подостапни, но тие пак биле стигматизирани од мажите.
„Од една страна стреотип, а од друга страна е машка особина дека мажот треба да биде силен, хранител на семејството, глава на семејството итн… Тоа не е неопходно лошо дека луѓето така се чувствуваат, меѓутоа знае да биде потешкотија кога ќе се јават на психијатар тоа покажува дека се помалку силни. Е тука доаѓаме до проблем на стереотип“, истакна Ристевска Димитровска.
На уривањето на овие стереотипи треба активно да се работи, затоа што наместо нивно решавање, 90% од испитаниците проблемите ги лечеле со земање на своја рака на бензодиазепими, а по 20-тина проценти од нив и со конзумација на алкохол или пак коцкање.