Се наоѓаме пред објектот музеј „Леарница“ во Крушево, како што може да забележите на оваа мермерна плоча позади нас пишува „во оваа куќа била сместена работилница за леење куршуми за илинденските востаници“. Оваа леарница започнала со работа неколку години пред почетокот на Илинденското востание, а како објект музеј е отворена на 100-годишнината од подигањето на самото востание. Многу повеќе околу целата оваа приказна за отворањето на самата Леарница, за подигнувањето на востанието, како таа функционирала и како потоа се отворил овој објект музеј ќе ни каже кустосот во леарницата Глигор Ангелески.

Господине Ангелески ова е единствената сочувана леарница, иако ги имало неколку за време на Илинденското востание, кое ете ние сегашните генерации имаме можност да погледнеме како функционирале тие објекти пред и за време на илинденскиот период.
Ангелески: Македонската борба за слобода и независност датирала уште од претходно, таа резултирала со многу буни и востанија, но како најзначајно се смета Илинденското востание. Со формирањето Македонската револуционерна организација некаде 1893 година кај населението сѐ повеќе и повеќе се јавува револуционерната идеја за сеопшто востание против окупаторот. Како што спомнавме, во Крушево имало неколку леарници, една од нив е и оваа леарница, која ја нарекувале тајна леарница, поради тоа што била маскирана како . Семејството кое живееле во оваа леарница, Коста и Пашка Лапески се занимавале со бојаџилук и и тоа никогаш не било приметено од страна на Османлиите. Затоа и натписот е тајна леарница.
Значи бојата која што излегувала тука не можела да фрли никаков сомнеж дека станува збор за леење на олово, обработка на куршуми, туку станува збор за боење на јамболии и други работи кои биле ткаенини во тој период?
Ангелески: Да, да.
Ајде да погледнеме како изгледа самата леарница, она што најмногу би ги интересирало нашите гледачи.
Ангелески: Повелете.
Се наоѓаме внатре во леарницата, како што може да се забележи имаме тука голем број на оловни зрна кои се користеле тогаш за оружјето, куршуми, реденици, имаме тука и едно поголемо ѓуле, кое најверојатно се користело за , клешти, чекани и сите оние потребни алати за да функционира овој објект.
Ангелески: Може да се забележат повеќе предмети и материјали кои им биле неопходни на познатите мајстори, Ставре Борја и Митка Манак кои што се занимавале со тој процес на изработка на куршумите, како и мала поправка на оружјето. Како што спомнавме, со отворањето на Леарницата во 2003 година, за 100-годишнина на Илинденско востание, во Крушево било донесено и Црешовот топче, тоа топче било изложено во споменикот Илинден – Македониум и повторно вратено во воениот музеј во Истанбул, Турција.
Такви црешови топчиња се изработувале во Македонија, најмногу во крушевскиот реон, но и во Бигорскиот манастир. Интересно било тоа што на една средба во куќата на Никола Карев, раководителот на леарницата Никола Киров – Мајски го задолжува Цветко Стојчев да изработи едно такви црешово топче. Тој бил по потекло од селото Селце, таму имало изобилство на црешови дрвја, но при првата употреба на месноста Гумење тоа се распрскува. Затоа за прв кој го изработил црешовото топче се смета Тодор Борјар, кој поставува железни обрачи од страните и тоа станува функционално и употребливо за време на Илинденското востание.
Околу самото дрво железни обрачи за да не распрскува?
Ангелески: Да, да биде постабилно и да биде функционално за време на востанието.
Дали се знае бројката на тие црешови топчиња кои биле изработени во тој период?
Ангелески: Бројката на црешовите топчиња не се знае точно колку се направени во тој период, интересно е тоа што тие црешови топчиња биле полнети со ситни шајки, старо железо, олови и барутни полнења.
Тие исто така имале и големо влијание за подигнување на моралот на самите востаници тука во Крушево.
Ангелески: Да, тие играле главна улога во однос на моралот за борбата против Османлиите, бидејќи имале помоќно оружје во однос на тоа што го имале претходно.
Тука имаме и едно ѓуле, дали е тоа од едно од тие , или како симболика за оружјето што се употребувало во тој период?
Ангелески: Да тоа е симболика, може да се види дека ова е поголемо ѓуле и не било користено за црешовите топчиња, можеби некои помали ѓулиња, но ова ѓуле тука што го гледаме не било користено во тие црешови топчиња.
Тука се и мали оловни зрна како што може да се забележи на камерата, тие се употребувале за оружјето на нашите востаници тука. Токму ваквите зрна се изработувале во оваа леарница тука во Крушево. Да погледнеме како изгледал целиот тој процес на изработка на овие оловни зрна.
Ангелески: Значи ова е делот од леарницата каде е претставено како се изработувале тие оловни зрна. Ова овде како што може да се забележи е еден голем мев кој го разгорува огништето каде се топи оловото и потоа на оваа наковална се изработуваат тие мали зрна.
Подоцна капислата се става во чаурата, се посипува со барут и се става на предниот дел од чаурата. Така се одвивал тој процес на изработка на куршумите.
Рековте го собирале оловото од куќите, значи секој донирал оловни садови или предмети кои ги имал дома за да може да се направат практично тие куршуми?
Ангелески: Со помош на целото население се носеле тие оловни предмети во леарницата, бидејќи тогаш тие немале доволно финансии за да може да се купи тоа олово.
Значи тајно се носело тука, исто така на таен начин и се изнесувале тие куршуми од оваа леарница. Како се изнесувале?
Ангелески: Интересен и доста ризичен бил начинот на разнесување на оружјето, бидејќи жените го криеле оружјето или во своите носии, или во штиците за леб кога пазарале. Така се одвивал тој доста ризичен начин за пренесување на оружјето низ градот.
Рековте неколку години пред востанието функционирала оваа леарница?
Ангелески: Да, неколку години пред востанието се формираат неколку вакви леарници, а една од нив е и оваа леарница, која била маскирана како бојаџилница.
Дали се знае локацијата на останатите леарници кои ги имало во Крушево, кои се уништени во текот на Илинденското востание?
Ангелески: Нема информација за останатите леарници каде биле, но околу 6-7 леарници биле тој период.
Кои работеле за потребите на востаниците?
Ангелески: Да, кои работеле за нивните потреби и одигрувале главна улога во снабдувањето на оружје, куршуми и муниција за востаниците, односно биле главни центри за изработка на куршумите. Исто така оваа леарница одигрува голема улога и во ослободувањето на Крушево за време на Илинденското востание, се формира Крушевската Република на чело со претседателот Никола Карев. Краткотраен период, но многу значаен за македонската историја.
Се наоѓаме на вториот спрат, прво што нѐ пречекува е фотографијата на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и моделот на пушка, познатата манлихерка која тој ја користел во тој период, а исто така имаме и еден револвер.
Маркоски: Меѓу спратот, помеѓу двете кули на оваа леарница, целта е да пречека главниот лик во тоа историско минато на Крушевската Република, претседателот Карев и моделите на неговото оружје. Кога станува збор за оружјето се работи за од австро-унгарско производство „надант“ револверот кој е често оружје на водачите или предводниците на оружените формации на нашите комити. Секако за да се направи еден вовед или премин од долниот кон горниот дел, во самата постафка се поставени неколку фотографии кои може да ги видиме на ѕидовите, каде ќе ги видиме главните актери, повторно поврзани со Илинденското востание, каде што е Питу Гули, војводата од Мечкин Камен, неговите знаменосци и преодната влада на Крушевската Република, како и горскиот штаб на нашите револуционери.
Како што кажавме ова е едно преодно ниво, пред да стасаме до вториот дел каде се поставени оружјата кои се користеле во тој период. Од каде се собирале овие оружја?
Маркоски: Оружјата за време на ослободувањето на Крушево, формирањето на Републиката, одбрана, па и сите пред и потоа периоди е оружје кое се набавува делумно од наши работилници, наши занаетчии, но и од разновиден шверц, т.е. увоз од соседните држави, меѓу кои и Грција, Бугарија, Србија. Едноставно немаме, не познаваме стандардно вооружување на нашите востаници, па оружјето се собира од каде ќе се најде, па дури и моменти каде оружје се одзема од самите османски војници, касарни, магацини итн.
Да погледнеме.
Ова е делот најинтересен за сите посетители, а тоа е оружјето. Како што може да забележиме има голем број познати марки на пиштоли од тоа време, како „Гасер“ моделите, „Галаншмит“, „Смит и Весон“, „Сент Етјен“ итн. Дали сите овие оружја се употребувале за време на Илинденското востание?
Маркоски: Дефинитивно постафката е направена со оригинални оружја кои се делумно поклонети од одредени граѓани на градот и околината на Крушево, а делумно се од самата битка на „Слива“, каде подоцна се откопани, пронајдени. Јас би сакал да кажам еден мал вовед, Имено, најпрвичните оружја со кои располагаат се оружјата кои се на база на барутно полнење, со зрно во цевката, а како материјал за испалување се користи камен од кремен, или ете некогаш таканаречените кремењачи. Ние ги разликуваме по тоа што подоцна, со осовременувањето на тој ударен дел на исфрлањето на оружјето, на експлозијата на барутот, е точно со камен од кремен кој предизвикува искра.
Тоа се тие пиштоли позади вас?
Маркоски: Може да видиме во оваа витрина, генерално тука гледаме одредени пиштоли и делови од пушки. Според ова што го гледаме, тоа се турски оружја, но самата форма ни покажува дека се од шпанско потекло, т.е. шпански модели. Покрај нив постојат и француски модели, имаат разлика кај кундакот, во витканата рачка, во топчестиот дел долу, но она што е генерално важно за сите тоа е начинот како се поставува каменот од кремен на штипката, се полни цевката со барутно полнење, најнапред се става зрно, секако во зависно од калибарот на оружјето кое се користи и потоа со потегање на чкрапалото доаѓа до удар, правење на искра која го пали барутот и експлозија.
Колку се стари овие кремењачи?
Маркоски: Дефинитивно од периодот на 17 век, иако за самото производство се надевам ќе имаме попрецизни податоци во иднина, бидејќи е во план изработка на каталог кој точно ќе ги разоткрие и сите детали на секој од овие поединечни оружја. Инаку што е интересно кај овие оружја е дека немаат голема прецизност, но имаат убава моќ за блиски средби. Всушност и воените доктрини од тие периоди не нудат борби на големи далечиини, туку повеќе се блиски борби. Така да тој е типот на оружјето што тоа му го дозволувало. Кога ќе погледнеме во долниот дел, гледаме еден пиштол кој е занаетчиско производство, се нарекува перкусионен пиштол и тоа е веќе технологија во која се заменува од ударот со камен кремен на користење на каписла и може да го видиме во другата изложбена витрина.
Тоа се пушки капислари.
Маркоски: Точно така, тие се тие капислари, перкусиони оружја, кои ја имаат повторно истата функција, истиот начин на полнење на барут, ставање зрно, користење на паласка, но овој пат наместо камен кремен се става каписла, се затегнува и тука веќе имаме многу поубав, .
Сигурно и поголем домет.
Маркоски: Апсолутно, гледаме како се цевките доста долги. Многу интересно, ако приметите, посебно на вториот експонат ќе приметите колку е цевката широка, т.е. колку е голем калибарот, па често на поставуваните прашања дали се прецизни овие оружја, јас мислам кога ова оружје го погаѓал непријателот и во рамо би бил смртоносел осходот, бидејќи тоа е огромна рана.
Може да се забележи тука колкав е волуменот на цевката.
Маркоски: Капислите кои се користат ги носи комитата во таканаречени капислари, кутичиња во кои се чуваат каписли, кои ќе ги видиме во другата изложбена витрина. Понатаму одиме на дел на оружја каде може да се видат оние занатски оружја, кои главно потекнуваат точно од оваа леарница.
Занатско значи тука произведено, од самите занаетчии што се занимавале со производство на куршуми?
Маркоски: Точно така. Тука би подвлекол дека Македонија е позната занаетчиска земја каде се изработува оружје уште од многу поодамна. Познати ни се имињата „Тетовка“, тоа е пушката која се произведува во Тетово, познати се доста оружја кои се произведуваат во Дебар, во Скопје, па и во работилниците во Крушево. Познатата мајсторска дејност на Македонците за производство на оружје нѐ препознава дури и во пошироките балкански територии, посебно со самите гравури на оружјето кои тие ги вметнуваат од типот на слоганот „слобода или смрт“, што колку што делува препознатливо, толку делува и како едно охрабрување во самата борба.
Значи си оставаат свој печат мајсторите.
Маркоски: Да, точно така. Вредно е да се спомне, при набавката на оружје се користат оружја кои во тој момент во европските делови се доста користени, фабрики кои работат и го следат трендот на осовременување на оружјето, како Австро-Унгарија, Франција итн.
Тука може да забележиме дури и од Америка, како познатата пушка „Винчестер“.
Маркоски: Познатата „Винчестер“, „Смит и Весон“ кај револверите, едноставно многу пари се дадени од нашите граѓани, малку да се изразам поетски, многу пари од свадбени поклони се дадени за оружје, многу луѓе го завршиле животот маченички и по затвори чувајќи го тоа оружје, набавувајќи го тоа оружје, едноставно народот го набавувал тоа оружје, не било оружје кое се набавува од одредени фондови, не постојат фондови.
Некако стихијно се набавува.
Маркоски: Точно така, имаме многу оружје кое се носи индивидуално. Го донесол човек, донесле фамилијарно, па почнала набавката да се брани себе и семејството, па тоа прераснува заминувајќи кај комитите носејќи го и своето оружје. Секако разновидни и исплетени приказни кои се стварно мачни, тешки и најважно до сѐ херојски во врска со тоа оружје.
Во оваа витрина овде може да го видиме повторно таканареченото тогашно модерно оружје, се работи за типот на пушки „Маузер“, која е во редовна употреба на османската војска. Но дел од ова оружје, бидејќи е од редовите на востаниците, тоа подразбира дека токму тоа оружје е или украдено од нивните магацини, или од нивните војници кои биле пресретнувани по патиштата. Но самите битки, самите борби, самото вооружување на нашите востаници не се сведува само на огрнострелното оружје, кое еве досега го гледаме. Редовно се користи и ладното оружје, во смисла на ножевите, те, сабјите.
Тие ги имаме во овој дел тука?
Маркоски: Баш тука, во таа мала витрина може да приметиме неколку такви предмети и тука би сакал да го одвоиме тоа оружје бидејќи навидум има доста мислења дека сѐ што е подолго е сабја. Не, сето тоа оружје има свои карактеристики, свои специфики, свои намени и оние кои тоа го користат.
Има еден предмет тука, доста е интересен, кој нема врска со оружјето, но е убаво да се објасни. Тоа е мастилница со перодршка, имено тоа е оној предмет со кој нашите востаници кореспондираат со штабовите, со дел од населението, пишувајќи ги тие писма, баш точно со тој предмет кој го имаме во автентична форма.
Затоа што и самото перо е исто така оружје, има некаква симболика.
Маркоски: Точно, би се надоврзал, видете го тој нож, тоа не е некој толку специфичен нож кој би бил изработен специфично. Сакам да кажам, сѐ што можело да биде предмет кој ќе убива, го користеле нашите востаници. А и во формулацијата на поимот оружје е всушност формулирано секој предмет кој може да нанеси одредена рана на другиот човек. Така да доста ножеви од другите кујни кои се користеле дома ги користеле и во борбите против османската војска.
Дали се знае колку точно оружје имало тука во Крушево за време на Илинденското востание? Бројка на пиштоли, пушки…
Маркоски: Ако земиме да правиме некаква анализа, и ако го ставиме како репер Илинденското востание, да ставиме дека имаме околу 1.400 востаници, може најмногу што може да кажеме е дека се 1.400 пушки и можеби на пола револвери. Ножевите се најзастапени секако, секој носел нешто свое. Додека нашиот капацитет на овој музеј поседува некаде околу 200 парчиња на оружје, предмети од оружјето, што го прави еден од најбогатите музеи на оружје во Македонија.
Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура и туризам во програмата од Национален интерес во културата за 2025 година.