Годинава се одбележуваат 24 години од кобниот 8 август 2001 година кога кај Карпалак загинаа 10 мина прилепчани во заседа подготвена од терористите. За тоа што се случи тој ден, дали Карпалак беше местенка, кој и зошто ги намести бранителите, за чии интереси згаснаа 10 млади животи, дали државата достојно им врати на бранителите или ги заборави, зошто ниту една Влада досега не постави спомен обележје на Карпалак, за овие како и за други отворени прашања поразговаравме со Игор Петрески, претседател на здружение „Карпалак“ и членовите на ова здружение, преживеаните бранители Зоран Петкоски, Диме Ристески и Роберт Камчески.

После 24 години, кое е чувството кај вас што во овој момент го имате, тага, бес, омраза, гордост, испомешани чувства од сите овие, или ниту едно од овие?
Игор Петрески: Чувствата после 24 години се нормално испомешани, чувствата се сложени, има тага за изгубените животи, има гордост затоа што ја браневме татковината, се боревме за татковината, гнев за неправдите кои ни се случија и ни се нанесуваа во текот на сите овие 24 години. За жал таа жртва не беше достојно вреднувана, сѐ е испомешано, гнев, гордост, омраза, тага, болка, разни се чувствата во зависност од моментите, ситуациите во кои се најдуваме.
Тоа го имаат сите бранители?
Игор Петрески: Па, поголемиот дел, да, скоро кај сите чувствата се тие, испомешани се, на моменти си горд што си ја бранел татковината, на моменти си гневен затоа што не наидуваш на некои потребни барања на бранителите кои треба да им овозможат барем малку достоинство.
После 24 години колку од вас директните учесници во тој конфликт, во тој настан останаа живи?
Игор Петрески: Во моментот на настанот беа загубени 10 човечки животи, потоа со текот на години изгубивме уште многу повеќе, некои од старост, некои од синдромот што го носат, но поголемиот дел се веќе заминати.
Дали ја добивте потребната поддршка од државата која што требаше да ја добиете?
Зоран Петкоски: Не ја добивме потребната поддршка од државата која требаше да ја добиеме, здравствено, социјално, и други работи. Законот за бранители и ден денес не е усвоен, спомен обележјата на местото на настанот каде што се погинати бранителите, градот се оддолжи, но на местото на настанот каде се загинати бранителите и ден денес немам обележја.
Зошто сеуште немаме обележје на Карпалак, знаеме дека се поставува една плоча која се крши веднаш другиот ден по одбележувањето на самиот настан и така 24 години?
Зоран Петкоски: Па мислам дека тоа се политички работи, на местото на настанот истата плоча се поставува и другиот ден веднаш се крши. Зошто, тоа нека одлучи Владата.
Поминаа многу влади, многу политички партии се сменија, но тоа не се реши.
Зоран Петкоски: Не се реши и јас мислам дека нема да се реши ни во догледно време за еден таков споменик достоен да има на Карпалак, Вејце и другите. Зошто, нека одлучи Владата.
Како се чувствувате поради целиот овој однос на државата за овие повеќе од 2 децении?
Зоран Петкоски: Па изманипулирани, неубаво, зошто само ние да немаме споменик на местата на погинатите за достојно да го одбележиме 8 август.
Често поставувано прашање во јавноста за сите овие години е доколку, да не даде Господ, се случи војна утре, би заминале ли повторно да ја браните Македонија?
Роберт Камчески: Зошто да не, да не даде Господ, ако треба ние повторно ќе излезиме да ја браниме татковината, како што излеговме 2001 и доследно и достојно ќе одговориме на барањето на државата.
Значи и покрај тоа што државата има ваков однос кон бранителите, сепак Македонија е многу поголема од политиките.
Роберт Камчески: Да, Македонија е една, остануваме да живееме тука и мора да ја браниме, во секоја смисла на зборот. Како што рековме, една е љубовта кон политиката, друга е љубовта кон татковината, ние ја браниме Македонија за нашите семејства, бидејќи сме решени да останеме тука, да живееме тука и да ги растиме нашите поколенија во оваа држава.
Дали доколку утре се случи некаков конфликт сметате дека младите денес би го следеле вашиот пример, би постапиле како вас и би заминале да ја бранат државата, или се чувствуваат некако демотивирани, деморализирани?
Роберт Камчески: Кои млади?
Оние што останаа тука.
Роберт Камчески: Има млади, јас мислам дека има млади што си ја сакаат татковината, но пред се немаме војска, нема обука, кој ќе го викниш ти да ја брани држвата? Старите изумреа, ние средна генерација може пак да излезиме, но младите не ги барај за војна. Има некои, но не сите што останаа.
Што би значело тоа?
Роберт Камчески: Да не дочекаме пак да имаме војна, ќе видиме тогаш. Јас мислам дека младината не ја интересира сега политика, не ја интересира војна, не ја интересира ништо, гледа да замини од државата бидејќи системот е таков и тоа е.
Да има подобар живот.
Роберт Камчески: Да. Да се живее како што треба нема никој да замини и сите ќе застанат на браникот на државата, но моменталната ситуација во Македонија е подалеку од тука. Тоа е.
Дали може да се потсетиме за тој кобен ден кога се случи таа трагедија, како се одвиваше Карпалак?
Диме Ристески: Тоа беше една неорганизација, како прво пред да заминиме ни ги одзедоа ножевите од пушките. Зошто е прашање? Заминавме како на екскурзија, застанавме на Плетвар и наполнивме вода, потоа застанавме пред Скопје, излеговме без пушки, значи целосно неорганизирано.
Значи бевте неспремни сакате да кажете тој ден?
Диме Ристески: Ние бевме спремни.
Во однос на опрема?
Диме Ристески: Ние бевме спремни, од срце и душа, и физички и психички, ама организационо не беше тоа остварено.
Дали сметате дека Карпалак беше одредена местенка за нешто и дали вие бевте наместени?
Диме Ристески: 100% бевме наместени, за тоа има и докази.
Зошто бевте наместени и до кого, што сакаше да се постигне со овој крвав настан кој се случи?
Диме Ристески: Значи требаше да има жртви по мое мислење, затоа што пред неколку дена се случи акција на нашата полиција и армијата во станот каде што ги уапсија и убија терористите.
Зборувате за убиените терористи во Скопје, во станот неколку дена пред Карпалак?
Диме Ристески: Да, во станот што ги убија и требаше да се врати.
Игор Петрески: Ако може да се надоврзам на тоа прашање, моменталната ситуација тогаш беше од страна на политиката, една страна бараше прогласување на воена состојба, друга страна не одобруваше. По тој основ мислиме дека ние бевме жртва, но сето тоа се само наши и чаршиски муабети, не може да се утврди. Во нормална држава службите досега тоа би го откриле и би се знаело точно како е, ова се само наши мисли и чувства дека да, тоа се случи дента, ние бевме жртви за некои настани што требаше да се случат за прогласување или непрогласување на воена состојба. Толку бевме неорганизирани како армија, тоа во армија не смее да се случи, таков конвој да биде неорганизиран, но сепак тие се наши мисли.
Дали може еве од прилика да се каже чаршиските муабети што зборуваат, кој и зошто го намести Карпалак?
Игор Петрески: Тука е сега малку двосмислено, од една страна се зборува дека се политички, од друга страна дека се предавнички. Точниот одговор како што реков, ако беше една нормална ситуација и држава, службите тоа досега би го утврдиле.
Дали досега имало некаква истрага за Карпалак?
Игор Петрески: Мислам дека не, во некои кругови можеби, но мислам дека не. Со она што се соочувавме со години, на секакви состаноци, од владини од невладини, сѐ и сешто, мислам дека детална истрага немаше.
Значи државата практично нема желба да го расветли целиот случај?
Игор Петрески: Да, мислам дека тука е едно големо промашување на државата.
Диме Ристески: Ние како бранители останавме на маргините, а тие терористи што нас не убиваа седат во парламент, во влада, ги има како директори на јавни претпријатија итн., ги имаат сите бенефиции од оваа држава. А ние немаме ништо. Малку државата да се замисли.
Која е пораката која би ја упатиле до политичарите, до народот, до граѓаните, како во иднина?
Роберт Камчески: Да не се повтори ова, ако се повтори пак истата приказна. Јас мислам дека политиката е голема работа, така да страда само народот. Бизнис политички, ништо друго.
Без разлика од која вера и нација е истиот.
Роберт Камчески: Па како што кажавме, ние се боревме, политиките си ги тераат тие, си влегуваат во влада и албанци и македонци, си прават коалиции, а народот страда, така да да не се повтори, друго ништо. Тоа е тоа.
Игор Петрески: И јас се сложувам со тоа, да не се повтори, ние таа генерација го искусивме тоа чувство, видовме, увидовме некои работи и би им порачал на идните генерации многу да бидат внимателни во не дај Боже вакви ситуации.
Ви благодарам на разговорот и еве еден апел од сите нас, никогаш да не се повторат настаните од 2001 година и сите ние кои живееме тука во Македонија да живееме во мир и слога.
Роберт Камчески: Да, и да се надоврзам, благодарам на поканата и од ваша страна и ги поканувам сите прилепчани на одбележување на празникот на 7 и 8 август, програмата ја имаат по медиумите, нека повелат и нека дојдат, да им оддадеме почит на паднатите борци, наши сограѓани. Вечна им слава!