Досега на ниво на Македонија се склучени 35.100 договори за откуп на тутун, за површина од 15.110 хектари. За разлика од 2024 година има над 5.000 договори плус, а договорените површини се зголемени за 2.100 хектари. Според министерот за земјоделство ова било доказ дека оваа гранка оди во нагорна линија во Македонија.
„Ова е уште еден показател дека интересот за оваа важна култура е голем. Од страна на тутунарите препозната е заложбата на владата во делот на пласманот, откупот и целата онаа активност која се одвива во делот на оваа култура и постигнатата цена и затоа имаме вакво зголемување во текот на 2026 година. Се надевам дека по завршување на крајниот рок од 9ти овој месец ќе ги имаме и финалните бројки, а сега кажувам за еден сериозен раст во последните 2 години во делот на оваа битна земјоделска култура“, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Цената заедно со субвенциите за последната реколта беше 500 денари за килограм тутун, а се откупија над 26 милиони килограми. Трипуновски очекува дека оваа реколта може да тежи и до 30 милиони килограми.
„Овие над 35 илјади договори кои се потпишани се потпишани со компаниите кои сега постојат. Дали интерес постои, очигледно чим се потпишани постои интерес за нашиот квалитетен тутун, затоа е зголемена нормално и површината и очекувам наредната сезона да биде без проблеми како и претходните две“, додаде Трипуновски.
Инаку за оваа нова реколта тутунарите бараат 510 денари за прва, 460 за втора и 400 денари за трета класа, а добиле во најголем дел само 435 за прва, 370 за втора и 305 за трета класа. Борбата ќе продолжела и понатаму со склучени анкеси на договорите пред да започне годинешниот откуп.