Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови годинава на 59-от „Војдан Чернодрински“ се додели на ансамблот на МНТ за претставата „12“. Оваа претстава ја освои и специјалната награда за колективна актерска игра. Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Лилија Абаџиева, како претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ.

„За мене „12“ е исклучително актерско достигнување на секој еден актер од екипата. Но секое достигнување освен што ми ja дава претстава за системот на Станиславски и автентичното живеење на сцената. Би кажала дека за мене до денес независно од моето долгогодишно искуство на истражување на човечкото во човекот преку играта на театарот, актерот си станува најголемата загатка, тајна и најголемото чудо“, рече Лилиа Абаџиева, претседателка на жири комисијата.
„Фасцинирана сум од младите луѓе на овој Фестивал, тоа се волонтерите. Не само низ нивната работа, туку и пред и по претставите ние се дружевме со нив, разговараме и многу сум задоволна кога гледам какви се нивните интереси“, вели Нела Оташевиќ, член на жири комисијата.
За дел од жирито македонскиот театар според она што го дал на Фестивалот бил во криза.
„За следниот 60-ти јубилеј на Фестивалот би требало да го постави главното прашање: Каде се наоѓа денес македонскиот театар? Јас мислам дека е во криза. Врз основа на тоа што можевме да го видиме мислам дека е во творечка криза и тоа би требало да биде клучното прашање со кое ќе се занимава Фестивалот. Инаку еве една мала сочна работа, кога дојдовме до најдобрата претстава имавме 3 предлози од тројцата членови на жирото“, додаде Иван Меденица, член на жири комисијата.
Наградата пак од публика ја понесе претствата „Слепци“ на турскиот тетар и тоа со просечна оценка 5, како и наградата за млад актер.
„Додека се подготвуваме со претставата додека траат пробите и цело време викаме, се е во ред имаме публика и во Скопје и секаде, но прилепската публика ни е посебна и тоа секогаш ќе остане така“, вели Осман Али, директор на Турскиот театар.
„Турскиот театар е малцински театар во Македонија, но истовремено е еден ансамбл на многу живи актери, полни со многу страст и публиката вчера како да ја прими таа наша порака, прилепскаста публика е магична, многу убаво ги наградува актерите и претставата и некако како да е уште еден актер во ансамблот и не храни и многу е лесно да се игра пред таква публика“, истакна Слаѓана Вујошевиќ, актерка во турскиот театар која годинава ја понесе наградата за млад актер.
Претстава „Слепци“ ја доби и наградата за режија со мнозинство гласови која ја доби режисерот Ќендрим Ријани.
НАГРАДИ:
1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.
6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.
7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.
9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.
- Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.
11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на НУ МНТ Скопје.
12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.
14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.
– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.