Тутунски комбинат Прилеп започнува со откупот на тутунот од годинешната реколта во вторник на 18.11. Во вторник ќе биделе отворени 34 откупни места со регистрирани 37 ваги. Годината ТКП планира да откупи 2,3 милиони килограми тутун или 35% повеќе од лани. Засега се уште не се знаело дали ќе има покачување на веќе договорените цени.
„Во тој поглед имаме обезбедено доволно финансиски средства за тие количини, така да планираме да ги откупиме во целост договорените количини и оваа година. Ланска година откупивме 1.8 милиони килограми, така да годинава имаме едно добро зголемување на договорените количини за 35%, што значи дека планираме да откупиме над 2.3 милиони килограми. Цената на Тутунски комбинат е дефинира уште во март месец, така да Тутунски комбинат има едни од највисоките досега прикажани цени, 420 денари за прва класа, 360 денари за втора класа и 300 денари за трета класа. Сега за сега не можам да кажам дали ќе има некое зголемување на цените, сепак тоа зависи и од конкуренцијата во овој дел“, изјави Aлександар Алексовски, директор на Тутунски Комбинат Прилеп.
Откупувачите годинава очекуваат околу 24 милиони килограми, но најточно ќе се знае на крајот од откупот. И годинава како и лани ќе се плаќа два пати неделно на предадените количини во вторник и петок. Но дали ќе се плаќа според цените по класи или се ќе оди во една класа како лани и тоа ќе го покаже почетокот на откупот.
„Тутунски комбинат уште во март месец ги зголеми цените во однос на ланската година, првата класа е зголемена за 5%, втората класа за 10% и третата класа е зголемена за 10%, во споредба со ланската година. Откупувањето на класи според мене е една од мерките за да се одржи квалитетот на тутунот на ова поднебје, бидејќи треба да се награди и соодветно да се цени тој што е добар производител и тој што е лош производител на тутун за да не си направиме дополнителни проблеми во иднина и да го уништиме самото тутунопроизводство. Годинава како што реков очекуваме добар квалитет на тутунот, летниот тутун е со солиден квалитет и очекувам да постигни добра, висока цена“, додаде Алексовски.
За период од една година Тутунски комбинат Прилеп ја надокнадил целосно ланската оперативна загуба од 117 милиони денари и сега има плус 1 милион денари оперативна добивка, што според директорот започнува финансиска консолидација на комбинатот.
„Немаме заостанат тутун од ланската година, се што имавме на залиха од страна на тутун се преработи и се продаде во рекорден период, така да до септември нашите магацини беа испразнети, што е многу позитивна работа, бидејќи се што беше позајмено од парични средства за откуп на тутун беше навремено сервисирано и не трошевме пари за дополнителни камати итн. Во тековнава година оставаруваме и зголемено производство на цигари, така да во однос на ланската година имаме зголемување во производството од 35%, што е многу позитивно за нас како компанија, бидејќи и тоа допридонесува за намалување на оперативната загуба. А и се докажуваме како соодветен партнер на Филип Морис, што во иднина би не наградил со дополнителни количини на производство на цигари“, истакна Алексовски.
Преговорите со Филип Морис за продолжување на договорот биле во тек и се очекувало иститот да се потпише во првата половина од 2026 година. Претходниот договор беше склучен на 10 години, а се очекува и ова продолжување да биде исто на 10 години.