Голем дел од празниците си имаат свои предвесници кои што ги најавуваат. Кога станува збор за Нова Година и Божиќ еден од тие предвесници кои најавуваат дека веќе празниците и празничната магија ќе дојдат во Прилеп е уметницата Емилија Трајкоска со која се наоѓаме во моментов, а зошто ги најавува и е предвесник на новогодишните и божиќните празници можете сами да забележите на излогот од ова кафуле.
Здраво Емилија.
Трајкоска: Здраво Даре, како си?
Ние сме одлично. Како што кажав, кога човек ќе те забележи во Прилеп дека веќе започнуваш да ги црташ излозите низ старата чаршија, по угостителските објекти и бутиците веќе се знае дека доаѓа онаа новогодишна магија.
Трајкоска: Градот веќе има друг изглед, изгледа малку повесело, поживо.
Токму така. Ти си една од ретките уметници кои прават вакви слики на излозите на дуќаните низ прилепската чаршија. Како започна со оваа уметност, како се роди идејата?
Трајкоска: Се започна со идеја на моето синче, кога беше помал побара да му нацртам нешто во детската соба на стаклата, некој дедо мраз, снешко и нормално му ја исполнив желбата. Тогаш реков дека ова може и да се работи, направив визитки, ги поделив насекаде и така луѓето почнаа да ме викаат за цртање. Како поминува повеќе време, така луѓето се запознати со овој вид на уменост.
Колку години се тоа?
Трајкоска: Па околу 6 години активно цртање.
Пред тие 6 години се занимаваше со некаква уметност?
Трајкоска: Да, цел живот откако знам за себе сум со уметност, но вака со цртање на излози веќе шеста година е ова. Претходно уште од дете имам цртано, така да до ден денес секое слободно време го користам да створам некое креативно дело.
Кога се започнува со цртањето на излозите?
Трајкоска: Па како поминува времето, сѐ порано. Претходно беше на почетокот на декември, или околу 15 декември, пред Свети Никола, а сега како иди времето луѓето се веќе запознати и почнуваат уште од средината на ноември да закажуваат, резервираат термини, нормално за да има време секаде да се стигне.
По колку дуќани во текот на еден ден можеш да насликаш?
Трајкоска: Па цртам доволно брзо, брзо ги изработувам, четката сама си работи, но сепак немам многу време за да цртам затоа што одам и на работа преку денот и вака обично цртам навечер, освен во викенди кога цртам по цел ден.
Освен во Прилеп дали црташ и по други градови?
Трајкоска: Секаде, каде што ќе ме повикаат, секоја година различно е.
Дали оставаат сопствениците на објектите на твојата инспирација, или имаат посебни желби?
Трајкоска: Претежно да. Ако имаат некоја желба јас гледам таа желба да ја вклопам со амбиентот, како на пример овде сакаат бело со црвени детали и нормално црната контура на крајот кога ќе се даде се доловува целата слика на цртежот, но кога оставаат на мене тогаш најдобро излегува затоа што јас гледам што би одговарало према местото.
Спрема амбиентот.
Трајкоска: Точно, дали да биде нешто поелегнатно, дали да биде нешто поразиграно или пак доколку е бутик гледаме нешто детско да нацртаме, весело како снешкови и виљенаци, тие ми се омилени.
Кои најчесто се препознатливи знаци што ги црташ за доаѓањето на овие празници?
Трајкоска: Дедо Мраз е прв, потоа има еленчиња, обожавам да цртам еленчиња како ова, ова е понежничко еленче, потоа снешковци, снегулките обавезно, елките се тука, таа снежна идила, куќарчиња, некаде како цел град се прави, некаде само како планина со дрвја, се цртаат зајачиња, лисици, се што можат да замислат и би посакале.
Каков вид на боја се употребува за на стакло?
Трајкоска: Акрилна боја врз база на вода која лесно се чисти, не е никаква филозофија, доволно е да имаш само желба, дарба нормално, без тоа никаде и да сакаш да стоиш надвор на ладно.
Во Прилеп имаш конкуренција вака што цртаат?
Трајкоска: Па има и други што цртаат да, но за сите има работа.
Токму така, сите сакаат да ја добијат празничната магија, како што кажа црташ и во други градови. Кој бил најголемиот излог што го имаш нацртано досега?
Трајкоска: Најголемиот излог во Маврово во еден хотел, ресторанот беше доста голем и таму имаше многу добро исцртано, така ми остана посебно. Имаше различни диви животни, од зајачиња, срнчиња, лисици, различни и беше нацртано према амбиентот. Имаше многу снег, скоро до пола ги покриваше прозорите, па така самиот снег, самиот амбиент, местото каде што се најдуваше и тоа е тоа што нас ни фали овде сега, а тоа е снег.
Се надеваме дека ќе го имаме за празниците.
Трајкоска: Да, и јас се надевам.
Кажи ми освен сликање на стакло, дали сликаш и на друг вид на предмети?
Трајкоска: Да, доста често изработувам и мурали, односно сликање на ѕид со акрилни бои, потоа слики на платно, изработувам и портрети. Муралот се работи нормално на лице место, сликите и портретите ги работам дома и урамени се праќаат по карго доколку се порачани од друго место. Почнав да цртам и блузи со текстилни бои, така да нареден пат може и со нацртана блузичка да бидеме.
Што најчесто како мурали имаш нацртано?
Трајкоска: Најчесто детски ликови, односно оние од цртаните ликови, ги бараат по игротеки доста, ресторани, кафиќи каде што има простор дечиња да си играат, во детски соби и е најчесто таа тема.
Каде можат да те најдат тие што сакаат да порачаат некоја слика или мурал?
Трајкоска: Имам Фејсбук и Инстаграм страни, на Фесјбук е „Портрети и уметнички слики“, а на Инстаграм е „Ателје Ема“.
Емилија ти благодарам за разговорот, гледачите имаат можност да погледнат како изгледа цртањето на излозите додека разговаравме. Еве за крај би сакал ги запознам сите оние кои го гледаат ова интервју дека ти си и инструктор за возење по Б категорија. Кажи ми оној стереотип, кои се подобри возачи, мажите или жените?
Трајкоска: Нема некое правило, има многу добри жени шофери по наше, а има исто и мажи. Значи или те бидува, или не те бидува, или имаш рефлекс и чувство или немаш.
Значи нема врска полот?
Трајкоска: Апсолутно нема никаква врска.
Малку да се нашалиме. Ти благодарам уште еднаш.
Трајкоска: Благодарам исто и на вас.