Со донација на Катерина Иваноска Вангелова, родител чии две деца учат во ООУ „Кочо Рацин“ Прилеп на булеварот Гоце Делчев денеска учениците од ова училиште засадија 60-тина зимзелени дрва од видот туја. Иваноска Вангелова вели дека сите ние со личен пример треба да им покажеме на младите како треба да се чува животната средина.
„Со личен пример да поттикнеме и изградиме здрави навики кај децата, од тука тие да ја направат својата иднина поздрава. Јас се заблагодарувам на Општината бидејќи ја прифатија мојата желба садувањето на дрвјата да биде во центарот на градот. Убаво ќе биде сите училишта на ниво на држава да ја направат оваа активност засадување на дрвја на годишно ниво, со што младите ќе ја изградат иднината на Македонија. Сите ја сакаат природата, личниот пример е прво со што ќе го поттикнеме кај децата не само засадувањето туку и секојдневната грижа за дрвјата“, истакна Катерина Иваноска Вангелова, донатор на садниците.
ОД ООУ „Кочо Рацин“ велат дека ова е четврта година по ред како прават поголеми еко акции, а во текот на годината исто така одржуваат голем број на активности со кои на најмладите им даваат пример како треба да ја заштитуваат средината во која живееме.
„Идејата е поддржана со Советот на родители и конкретно од родителот на нашето одделение, децата се тука да ги засадат садниците и колку е важно зеленилото за здравјето и иднината. Ги одбележуваме сите денови кои се внесени во нашиот календар за подигнување на еколошката свест, како што е Денот на планетата земја, правиме еко акции квартално во училиштето за средување на дворот, училишните простории, имаме разно разни работилници за подигнување на нивната еко свест. Би сакала оваа акција да биде пример и за останатите училишта и за останатите родители да ја поддржат оваа акција и на тој начин со личен пример да ја подигнат свеста за животната средина кај младите“, рече Габриела Темелкоска, наставничка во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп.
Акцијата се одржа со поддршка на ЈКП Комуналец од Прилеп кои што исто така пред само неколку денови учествуваа во акција за пошумување во близина на манастирот Свети Димитрија кај селото Селце каде се засадија, над 1.500 садници.
„Во делот под манастирот на селото Селце беа засадени околу 1.500 садници, денес засадуваме дополнитечно 60 зимзелени садници во центрачниот дел на градот. Од тука може да кажеме дека Прилеп е најзелениот град, Прилеп е лидер во селекција на отпад, ја добиваме првата фабрика за селекција на отпад, овие акции се спроведуваат се со цел а се подигне еколошката свест кај граѓаните“, изјави Љубиша Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец“ Прилеп.
Во еко акциите кои деновиве се спроведуваа на територија на општина Прилеп беа исто така исчистени со рачно собирање 53 метри кубни отпад, а додека од дивите депонии беа собрани 400 метри кубни на отпад.