ВИДЕО – Училишни градини – одлична идеја со огромни бенефити за ученици, но кај нас тешко се спроведува


Годинава се навршуваат 10 години откако училиштето „Лазар Танев“ од Скопје за првпат воведе училишна градина. Но за жал, од тогаш па се до денес само 10-тина училишта на ниво на Македонија го следат овој пример. Од Slow Food Macedonia велат дека имаат разработено цела програма за изборниот предмет градинарство како таа би се одвивала, но некако тоа тешко оди.

Надлежните во образовните институции, од директорите, па и вработените може да се каже, не е сфатена суштината на овој проект. Овој проект би немал значење ако помине само како една фаза, да се види дека сме направиле нешто и да не продолжи да се реализира. Целта на овој проект е тој да биде во континуитет“, рече Филип Димкоски, Slow Food Macedonia.

Од Slow Food Macedonia потенцираат дека со овие градини децата имаат повеќе бенефити, развивање на тимскиот дух, едукација и следење на светските трендови како сами да си произведуваме здрава храна.

Кога учениците ќе ја произведат таа храна, од семка до готов продукт, тоа за нив е посебно драго и во моментот кога ќе ја вкусат таа храна знаат дека тие ја одгледале од самиот почеток, па се до финалниот дел кога ја конзумираат таа храна. Здравата храна во овој дел е многу важна за учениците, да ја сакаат храната, да се запознаат, голем дел од учениците и не конзумираат здрава храна“, вели Гоце Бумбароски, наставник и член на Slow Food Macedonia.

 

Многу предмети кои веќе постојат во образованието можат да се интегрираат преку училишната градина, што значи училишната градина од една производствена парцела станува училница на отворено. По математика и физика можат да се совладаат мерењата, можат да се видат природните појави, може да се види развојот на едно растение и неговите органи, да речеме по предмето биологија. Да се зададат теми за ликовно, литературно и музичко творештво“, додаде Филип Димкоски, Slow Food Macedonia.

 4 основни училишта веќе се влезени во проектот на Slow Food Macedonia за изградба на вакви градини, но во моментов за тоа пари не издвојуваат ниту општината, ниту државата. Па средства се бараат и од други донатори.

Да ги повикам сите општествено одговорни компании кои сакаат да ни помогнат да си ја направиме нашата училишна градина, исто така и родителите. Не мора да значи дека тоа мора да биде финансиска помош, можеме на различни нивоа да добиваме помош, тоа се материјали за работа на училишната градина, хумус, семиња, итн. и сето она кое ние можеме да го вклопиме во таа наша градина“, истакна Гоце Бумбароски, наставник и член на Slow Food Macedonia.

Инаку предметот градинарство е изборен предмет од пред извесен период и неговото имплементирање би развило токму преку ваквите училишни градини.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи