ВИДЕО – Црквата Свети Јован во Крушево го поседува еден од најубавите иконостаси во Македонија



Црквата Свети Јован Крстител во Крушево уште се нарекува и Влашка црква. Неа ја гради влашката заедница во овој град. Нејзината изградба била започната на 3 август 1897 година во дворот на романското училиште во Крушево. А истата со градба е завршена веднаш по Илинденското востание во периодот од 1903 до 1905 година.

Најимпозантниот дел од црквата е иконостасот изработен од браќата Нестор и Лазар Алексиевски. Тој е изработен во длабока резба од липово дрво. Изработката на иконостасот траела околу четири години. Иконостасот е прогласен за културно наследство на Македонија.

Во оваа црква е сместена и трајна поставка – Галерија на икони. Поставката е отворена во 70-тите години на минатиот век. Галеријата на икони ја сочинуваат икони од крушевскиот регион, претежно од градот Крушево.

Во Галерија на икони може да се види и дел од библиотеката на познатите крушевски зографи, записи и библиотечни единици кои потекнуваат од 15 до 19 век. Тука може да се видат и ерминии, тоа се скици и шеми по кои се изработуваат фреските.

Истите ги користеле зографите за изработка на фреските, а тука е и нивниот алат, четки, предмети за растворање на бојата, фолии за позлатување, ваги со кои се мереле количината и составот за комбинација на бои. Во истиот период, на влезот од црквата аплицирани се и фрески од 1627 година, од манастирот Св. Атанасиј кај село Локвени.

Исто така доста интересни и раритетни се и двете ѕидани големи печки кои стојат на северната и јужната страна на црквата. Иако се исправни и денес тие сепак не се во функција. Поради сите овие уникатни работи црквата Свети Јован Крстител е многу посетувано место од сите гости кои доаѓаат во Крушево.

Продукција на видеото: ИНФО КОМПАС!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира