Повод за одржуважето на денешниот разговор е одржувањето на 10-то и јубилејно издание на фестивалот за краток филм „Winter Apricots“. Во овој момент се наоѓаме во салата на киното „Мис Стон“ во Прилеп каде што ќе се одржува овој фестивал. Со нас тука се двајцата организатори на фестивалот кои што беа упорни и еве успеаја една деката да го одржат овој фестивал во Прилеп, а тоа е Елена Мелончели од Италија и Дарко Ѓорѓиески од Прилеп.
За тоа што ќе се случува од 10 до 13 декември тука во градот под Марковите Кули разговорот ќе го започнеме со Елена. Елена пред се што значи за тебе 10 години одржување на еден фестивал, и тоа во еден мал град како Прилеп.
Мелончели: 10 години е доста долго време и не е лесно било што да се одржува толку долго. На пример ние кога го почнавме фестивалот немавме таков план, немавме јасна перспектива како и што можеше да биде „Winter Apricots“. Во овие 10 години многу пораснавме и најдовме структура, најдовме формула што сега за сега е многу ефективна и може да се одржува, тоа е битно. Тешко е се разбира, но во исто време не знаевме и научивме дека мораше да се издржи за да дојдеме до каде што сме сега. И тоа е многу битно, дека цело време ние нешто учиме, ова беше нашата врска со фестивалот, да се прави за градот и за нас професионално и лично беше навистина голема работа.
Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте во изминативе 10 години?
Од логистика нормално имавме, се разбира пари, инфраструктура, но мислам дека најголем предизвик беше големината и количината на работа што е во позадина на фестивалот „Winter Apricots“, но мислам дека многу е битно во денешно време да се има нешто толку многу што е против инстант логиката, така е со филмовите што ние ги селектираме, тој дух да не биде инстант. Битно е во нашите динамики да се најде момент полека нешто да се гледа, да се фокусира, да не биде филм каде се е лесно, се е динамично, се е јасно, се е забава, туку да се најде момент да се седи и да се гледа и да се анализира нешто заедно, тоа е духот на „Winter Apricots“ и мислам дека тоа беше нашата мисија во овие 10 години, да се гради место, простор, денови, време, сите пополека нешто да гледаме, да се фокусираме, да се здружиме заедно. 10 години, повеќе од 500 филмови, повеќе од 20 концерти и многу други активности, соработници, национални и интернационални соработки, многу направивме реално.
500 филмови прикажани. Колку вие прегледавте за овие 10 години за да се селектираат тие 500 филмови?
Мелончели: Не можам да ти одоговорам искрено.
Буквално од целиот свет имаше филмови, од сите жанрови.
Мелончели: Да, од прилика околу 1.000 филмови секоја година, помножено со 10…
10.000 филмови. Колку време одзема тоа да се прегледаат, да се селектираат?
Мелончели: Најмалку 3 месеци секоја година, но не е едноставно само гледањето, ние ги прегледуваме филмовите по еднаш, два пати, три, четири пати ако има потреба, имаме дебата за филмовите дури ги селектираме.
Што заклучивте, дали прилепската публика ја сака филмската уметност и дали секоја година се зголемува бројот на оние кои конкурираат на „Winter Apricots“?
Мелончели: Прилепската публика јас мислам дека сака да оди во кино, дека сака кинематографија. Во овие 10 години нашата публика многу се зголеми, многу се подобруваше критичната маса и критичното мислење кон филмовите, што е побитно од бројноста, но и бројноста е многу битна. Во првите изданија реално салата не беше полна, но последните 5-6 изданија салата е преполна. Но не само тоа, луѓето бараа пред фестивалот, прашуваа за информации кога ќе биде, дали ќе има фестивал.
Сега се бара карта повеќе.
Мелончели: Се чека „Winter Apricots“ и мислам дека тоа е многу битно.
Благодарам за разговорот. Дарко како што можевме да слушнеме Елена кажа дека 10 години е навистина значаен јубилеј. Ајде да слушнеме и од тебе со една реченица како се чувствуваш после измината една декада?
Ѓорѓиески: Најпрво да ве поздравам вас како медиум, би сакал да ви се заблагодарам што исто колку што сме ние возрасни, толку е и нашата соработка со вашиот медиум Инфо Компас, односно 10 години соработуваме и ви се заблагодарувам. Инаку, јас лично се осеќам изморено, но пред се пресреќно. Како што Елена одговараше претходно, да се стигне во едни вакви околности и еден ваков контекст каков што Прилеп до едно јубилејно 10то издание на интернационален фестивал на краток филм е успех, особено личен за нас и јас навистина сум горд со ова што го направивме досега. Мислам дека за оваа година подготвивме една програма која што е достојна на едно јубилејно издание, односно едно крунисување на целиот оној труд што го вложивме во изминативе 10 години.
Годинава фестивалот е 4 дена, освен филмски проекции тука имаме и промоција на книги, концерти.
Ѓорѓиески: Точно така, официјално оваа 10 година фестивалот ќе трае 4 дена. Програмата ќе биде доста квалитетна и доста богата, фестивалот ќе започне во среда на 10 декември во една алтернативна просторија која сега се реактуелизира во склоп на Домот за култура „Марко Цепенков“, односно тоа е „Сцена 105“, каде во среда ќе имаме за прв пат нашиот фестивал изложба на фотографии на еден млад, локален, наш фотограф Јордан Звездоски, една соработка која започна пред 2-3 години и еве ја крунисуваме токму неговата прва самостојна изложба да биде на отворањето на нашиот фестивал. Во истата просторија, во „Сцена 105“, после изложбата на Јордан ќе следи првиот книжевен настан на овогодинешното издание, односно ќе имаме промоција на книга. Во прашање е книгата „Годините“ од Ани Ерно, која ќе ја промовираме во соработка со издавачката куќа „Илика“ од Скопје. Четвртокот е вториот фестивалски ден, односно 11 декември и тука имаме еден настан кој што исто така ќе биде прослава на јубилејна соработка, 10 години соработка со фестивалот „Stories with dance“ од Џенова, односно тоа е фестивал посветен на танцови филмови, еден жанр кој е во голем подем и за среќа нашиот фестивал е единствен фестивал во Македонија кој прикажува такви филмови. Значи во четврток програмата започнува со проекција на танцови филмови од фестивалот „Stories with dance“, после тоа е она што ние го нарекуваме официјално отворање на фестивалот, односно ќе имаме концерт на Мухамед Ибрахими, тоа е еден гитарски виртуоз од Скопје. Особено ни е драго што успеавме да го донесеме во Прилеп за прв пат и се надевам дека ќе имаме одлично искуство на отворањето. Третиот фестивалски ден, петок 12 декември ќе започне со проекција на првите натпреварувачки програми, односно ќе имаме проекција на балкански филмови, а подоцна во продолжение ќе следи и првата половина од интернационалната селекција. Саботата е последниот фестивалски ден, 13 декември кој е воедно и најисполнетиот ден. Програмата започнува порано, во оваа просторија овде во кино „Мис Стон“ во 12 часот ќе имаме промоција на книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галески. Тоа е вториот јубилеј кој го прославуваме со Влатко, односно тоа е човек кој 10 години е со нас, од нашите почетоци, тој е редовен посетител, соработник итн., така што особено ни е драго што неговата последна книга ќе биде вклучена во ова 10-то издание. Тој настан ќе биде проследен со уште еден, сличен настан поврзан со промоцијата на неговата книга, односно ќе организираме заедно со Влатко и една трибина која ќе биде насловена „Cinelitera“, односно ќе ја истражува врската помеѓу филмот и литературата. Во продолжение во саботата ќе следи и македонската селекција, односно ќе направимепресек на она што е најново и најквалитетно од продукцијата на кратки филмови во Македонија, по што ќе следи вториот дел од интернационалната програма и после тоа жири комисијата ќе ги прогласат победниците. Затворањето на фестивалот е резервирано за концерт на групата „Искра“ од Скопје, тоа е еден многу возбудлив, актуелен проект не само во Скопје, не само во Македонија туку и на Балканот. Така некако би се финализирал овој јубилеј на „Winter apricots“.
Кога ќе има можност публиката да започне да ги купува билетите и како?
Ѓорѓиески: Билетите стартуваат со продажба овие денови, тие се достапни во кафе-галеријата „Лувр“ која исто така е наш долгогодишен соработник, и тоа во 2 термини еден претпладневен и попладневен термин од 12 до 13 часот и од 18 до 19 часот. Интересот е за среќа добар и голем, се надевам дека ќе имаме голема посетеност. Исто така карти ќе можат да се продаваат и во кино „Мис Стон“ пред проекциите.
Дарко ти благодарам за разговорот. Еве за крај, уште едно кратко прашање, каде го гледате фестивалот во иднина?
Мелончели: Во Прилеп се разбира. Ние сега славиме 10 години и добро е да гледаме во перспектива за уште 10. Идејата е фестивалот да продолжи и да порасни уште повеќе. Отсекогаш и засекогаш фестивалот „Winter apricots“ ќе биде фестивал за народот од Прилеп, но во оваа нова декада сакаме уште повеќе да ја потенцираме врската со индустријата, да има камп за филм за студенти на факутелтот за кинематографија, да се прават работилници, да има платформи за млади режисери, вмрежувања со продуценти…. ваквите сценарија сакаме да ги имплементираме во фестивалот и да ја зголемуваме улогата на фестивалот во регионот, не само во Македонија, туку на Балканот генерално, да потенцираме соработки со други фестивали, со пријатели што ги створивме низ годините и уште многу, многу филмови, тоа е најбитно, да се гледаат филмови.
Токму така, ви благодарам за разговорот, честитики за овој 10 годишен јубилеј. Сите вие кои сакате да бидете дел од фестивалот, да ги погледнете филмовите, кога ќе започне продажбата да си набавите карта и до 10 до 13 декември оваа година да ги проследите филмовите кои ќе бидат дел од 10 годишното издание на „Winter apricots“.