Заводот и музеј Прилеп одбележа 70 години од своето постоење. Ретки се институциите кои може да се пофалат со 7 децениско постоење, а уште повеќе оние кои се вистинска гордост на Прилеп и негов културен амбасадор насекаде во светот. Музејот во далечната 1955 година го основа д-р Бошко Бабиќ кој доаѓа тука да прави дипломски студии за Марковите Кули и останува засекогаш во Прилеп. Од тогаш па се до денес, 7 децении, музејските работници го одат патот кој што тој го трасираше. Денес музејот има 9 објекти или поставки под свое владение, како што се: археолошката поставка, етнолошката, лапидариумот, галерија на икони, поставката за родно-крајно музичко творештво, Музејот 11 Октомври, Спомен домот на Кузман Јосифоски Питу, Спомен домот на Блаже Конески у Музејот за тутун.

„Нашата национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп одбележува 70 години од основањето, од далечната 1955 година кога д-р Бошко Бабиќ ја имаше првата иницијатива за да го основа Народниот музеј. Со неговата желба и иницијатива да го направи едно од најголемите богатства во Прилеп, затоа што уште од неговото доаѓање во Прилеп, ако не е прилепчанец, ние ќе си го присвоиме како наш, тој создал мислење и идеја и таа идеја прераснала во реалност. Создал народен музеј, музеј кој што ќе го експлоатира и промовира сето она што знаел дека го има градот и знаел дека е поле на културно наследство, поле на културата. Секој еден камен кој што тука го гледате, секој еден документиран експонат, секоја една книга има своја историја и влијание затоа што ние одиме по патеката која што д-р Бошко Бабиќ ја постави“, изјави Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј Прилеп.
На оваа свеченост присуствуваше и Гордана Бабиќ – Јанеска, ќерка на Бошко Бабиќ, која што се потсети на времето како тој дошол во Прилеп и трајно се заљубил во овој град.
„Значи татко ми е дојден во Прилеп за да пишува дипломска работа за Маркови Кули. И неговото прво стапнување во Прилеп остава толку силен впечаток кај него што тој нѐ повлекува целото семејство овде. И јас често пати знам да кажам дека Прилеп ми е судбина. Сѐ почнува од истражувањата на Марковите Кули, тој се занимава главно со среден век, меѓутоа со формирањето на музејот имаме и предисторичари и среден и нов век, ги имаме сите профили кои работат на локалитетите и имаме големи резултати постигнато во областа на археологијата и историјата на уметноста. Прилеп е, можеби ова ќе звучи некому нескромно, но Прилеп е еден голем извор на археологија и локалитети и се уште има премногу за истражување и се надевам дека колегите кои работат ќе го продолжат и го продолжуваат неговото дело“, истакна Гордана Бабиќ – Јанеска, ќерка на Бошко Бабиќ.
Имаше гости од повеќе градови на Македонија кои работеле тука или биле на некој начин поврзани со Заводот и музеј Прилеп за овие 70 години.
„70 години, тоа е еден импресивен јубилеј, тоа е еден подвиг, тоа е еден успех на прилепската, на македонската цивилизација. Прилепскиот Завод и музеј докажа дека може да се бори за огромен број на археолошки научни откритија. Се работи за локалитети, меѓу кои најмногу се издигнаа како што се: Варош, Маркови Кули и Под Кули, фантастичен локалитет кој едно време беше место каде се претпоставуваше дека е градот Пелагонија. Потоа тука е Стибера, македонската Помпеја, каде да отвориш во Стибера откриваш нешто што е од антиката на римскиот период и после тоа би ги истакнал и локалитетите Висока и Старо Бонче, каде можеби тоа е античкиот град Пелагонија и се разбира Трескавец. Јас посакувам сѐ најдобро и да има што повеќе вакви јубилеи за да го свртиме вниманието на општеството дека постои куќа која се грижи за цивилизациските корени“, додаде Виктор Лилчиќ, археолог и поранешен директор на Управата за културно наследство.
„Ова е мошне голем јубилеј за една значајна македонска институција бидејќи се одбележуваат 7 децении напорна работа на колеги кои истражуваа и предисторија и антика и среден век и резултатите кои тие ги направија покажуваат дека овој регион е богат со културно наследство и затоа вреди внимание и затоа не случајно јубилејот само го потенцира и капацитетот на културното наследство тука, но и квалитетот на колегите кои сите овие децении беа посветени на истражувањата и заштитата на културното наследство. Од моја лична перспектива јас можам да кажам дека праисторијата е нешто што нас нѐ врза со музејот“, кажа Гоце Наумов, Центар за истражување на праисторијата.
Музејот и понатаму останува да биде репрезент на Прилеп и сведок за нашето богато културно и историско наследство, каккво што ретко има во светот.