Денес во Општа болница Прилеп беше презентирана нов тип на хируршка интервенција, која што за прв пат беше изведена во болницата и која во иднина ќе продолжи да се изведува. Станува збор за неинвазивна, лапароскопска интервенција на препонска кила, која е во трендот на модерната медицина и која што ќе им овозможи на пациентите од овој регион услугата да ја добијат тука, без притоа да треба да патуваат до клиниките во Скопје.
Минимално инвазивните техники се веќе стандардизирани во развиените земји, тие се воведени со намена пациентот да има помала болка, да има помал престој во болницата и тоа да биде со максимален ефект. Пациентот на кој за прв пат беше изведена оваа техника е на 64 годишна возраст и денес веќе е пуштен на домашно лекување.
„Овие техники во развиените земји се златен стандард. Но ние во моментот се ограничуваме на одредена патологија и со тоа сакам да упатам апел до матичните лекари дека препонските кили бараат интервенција, нема залажување дека тие ќе се повлечат и има друг третман, таму хирургијата е основен третман и препорака е да се обраќаат до нас додека со во мала, рана фаза и да се понуди ваков современ третман. Техниката е врвна, се работи низ 3 мали отвори, со минимална траума, се внесува поголема мрежа и се осигуруваат повеќе отвори на можни појави на други кили и практично пациентот ако го следи нашиот совет и во првиот период се држи до препораките тој може да очекува комплетно квалитетен живот, без никакви задршки со физичките активности. Дури и спортисти кои активно спортуваат и се оптоваруваат со максимални напори, ова им дава нов живот, враќањето на квалитетот на живот е исто толку важно“, истакна д-р Златко Јаков, специјалист по општа медицина.
Доктор Јаков, кој своето работно искуство го стекна во Германија, додаде дека нема поголемо професионално задоволство од тоа работното искуство стекнато во странство да се пренесе дома
Инаку хируршкото одделение во болницата во Прилеп претставува регионален центар за ургентна патологија и оператива. Станува збор за одделение со 7 специјалисти, 5 специјализанти, како и тројца колеги уролози, двајца специјализанти и еден лекар секундарец. Располага со 29 кревети на кои се опслужуваат пациенти од општина Прилеп и целиот регион, но и голем број на пациенти надвор од регионот кои имаат потреба и бараат да се оперираат во Прилеп.
„Се работат тумори на тенко и дебело црево, екинококова болест на црн дроб, сите видови на кили, жолчки со лапaраскопска и класична техника, а од пред 2 години се започна и со лапарoскопски пристап на слепо црево. Во голем дел, 90% од пациентите немаат потреба да патуваат до Скопје, истите тие се вршат кај нас. Исто така оперираме и карциноми на дојка, бенигни и малигни болести на дојка, а пацентите да знаат дека се изведуваат и иглени биопсии кај нас, не мора да патуваат до другите градови, имаме одлична служба за патологија. Ја работиме секако и итната патологија, работиме секакви ургентни операции како перфорации на желудник, тенко црево, дебело црево, сите оние изгореници и политрауми на глава, граден кош, абдомен, сето се лекува кај нас во најголем случај“, потенцираше Димитар Иваноскин, началник на хирургија во прилепската болница.
Планот на хируршкото одделение во Општа болница Прилеп е да се стигне до минимално инвазивни операции на тумори, кои се последниот збор во хирургијата.