Граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи на незаконита, партиска или приватна употреба на службени возила, на 070 399 050 и на електронската адреса prijavizloupotreba@sozr.gov.mk, како дел од мерките на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за ставање крај на злоупотребите на службените возила и зголемување на транспарентноста.
За полесно препознавање на возилата, веќе во процедура е унифицирањето на возилата со специјалните регистарски таблици, кои се лесно видливи и јасно ги разликуваат службените од приватните возила.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски посочи дека е при крај процедурата во речиси сите општини, како и во повеќето државни институции. Томовски информираше дека до овој момент, над 500 службени возила низ земјава веќе се со новите таблици, а голем дел се во постапка и очекува таа да биде завршена во наредниве две недели до кога е и рокот за унифицирање на возилата со специјалните таблици.
„Ги охрабрувам граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежната институција, за да се пристапи кон истражување и потврдување на евентуална злоупотреба и преземање на соодветни казни“, изјави Томовски кој истовремено ги повика сите институции да направат рационализација на возниот парк.
