Дело на Бенкси продадено за околу 20 милиони евра, парите наменети за здравството

 

Дело на британскиот уличен сликар, кој се потпишува како Бенкси, е продадено денеска на аукција за речиси 20 милиони евра, а парите се наменети за здравствениот систем на Велика Британија, кој се бори против коронавирусот.

Сликата „Game Changer“, која првично е проценета меѓу 2,5 и 3,6 милиони фунти, е продадена за 16,75 милиони фунти (19,45 милиони евра), соопшти аукциската куќа Кристи, а парите би требало да отидат кај целиот персонал на британската здравствена служба НХС.

Сликата од мај 2020 година виси во ходникот на болницата во Саутемптон. На неа е прикажано момче кое во раката држи кукла-медицинска сестра со маска и капа на супер-херој, додека во корпата покрај него лежат кукли Супермен и Бетмен.

Бенкси во порака до вработените во болницата пред околу една година напиша: „Благодарам за сѐ што правите“. Тој изрази надеж дека сликата ќе го „осветли“ местото „иако е само црно-бела“. Уште тогаш се знаеше дека сликата ќе биде дадена на аукција за да се соберат пари за НХС.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира